Во Богданци се отвори седмата по ред меѓународна графичка работилница „Софија“. На неа учествуваат 18 уметници – графичари од државните ликовни академии во Скопје, Белград, Нови Сад, Сараево, Љубљана, Загреб и Софија.
Според организаторите, Здружението на граѓани „Графичка работилница „Софија“ Богданци“, целта на собирот е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и услови за реализација на нивните дела, бидејќи графиката како специфична техника е помалку застапена во целиот регион.
Ментор на годинaшнава работилница е Аница Радошевиќ, редовен професор на Академијата за уметности во Нови Сад. Изложбата беше отворена синоќа, а ќе трае до 2 септември кога е најавена завршна изложба во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци.
Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. Досега во нега учествувале над 100 млади графичари од целиот регион, а улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија и од Хрватска.