Нова, трета група „Јавна соба“ е повторно отворена на „Телеграм“, а за еден ден се регистрирани 219 членови и споделени се 61 фотографија и 14 видеа, но и профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки од Македонија, пренесува „Мета.мк“.
Од МВР за Радио МОФ велат дека докази се испратени до Основното јавно обвинителство.
„МВР веднаш постапува за оваа нова група согласно сите надлежности, а и веднаш го известивме обвинителството“, велат оттаму за Радио МОФ.
Случајот „Јавна соба“ кој првично на македонската јавност и стана познат ланската година, повторно се актуелизираше и годинава, откако една од девојките чија фотографија се најде во една од групите насловени „Јавна соба“, преку видеоснимка и се обрати на јавноста.
И покрај тоа што случајот ја крена на нозе македонската јавност со улични протести, потреба за правда и воведување на законски регулативи за генерално новата појава на онлајн сексуалното насилство, моменталната разрешница е дека за „Јавна соба“ се обвинети две лица, кои се товарат за кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија.
Сепак, одлука нема, а повеќето рочишта се откажани или отсуствувал јавниот обвинител. Се чека на Собранието да се усвои „Демнење“.