Со намера да ги приближи своите студии до идните студенти, Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје ќе спроведе серија отворени настани во периодот од 5—18 мај, на кои средношколците ќе имаат прилика да се запознаат со наставните програми, содржини и ресурси, како и со перспективите за академски и професионален развој што ги нудат како катедра.
„Во време кога – паралелно со забрзаниот технолошки развој – сведочиме како светските општества и култури се соочуваат со големи предизвици во меѓусебното разбирање, комуницирање и договарање, кога набљудуваме колку е важно продлабоченото познавање на историската и современата стварност на различните културни, јазици и општества, хуманистиката е исправена пред историска мисија: да му помогне на светот да донесе вредни, свесни и одржливи одлуки. Токму хуманистичките дисциплини денес произведуваат важни модели на поврзување на различните составни делови на едно општество и на светот како целина, и создаваат компетентни кадри кои значајно влијаат врз развојните насоки на денешните општества“, велат од Катедрата.
Настаните ќе се одвиваат во наведените термини преку платформата Zoom. Пристапот е слободен и отворен за сите заинтересирани ученици и наставници на овој ЛИНК.
Целта на оваа серија настани на Катедрата за славистика е да им помогне на многумина ученици да стекнат поинформирана претстава за различните академски патеки што им претстојат и, со тоа, да направат соодветен избор за своите универзитетски студии.