Во понеделникот вечерта, во Младинскиот културен центар со проекцијата на „Сибирска љубов“ беа отворени „Вечерите на женски права“, кои се одржуваат по осми пат.
Годишново издание на оваа манифестација за отворена ја прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
По проекцијата на „Сибирска љубов“, пред присутните се обрати и режисерката на филмот, Олга Делане, а потоа дискутираше за значењето на филмот и нејзината инспирација за снимањето.
На програмата денес е настанот „Бизнис кафе“, кој ќе се одржи во МКЦ Клуб ресторан од 17 часот, а говорници ќе бидат Александра Дилевска (Публицис Груп), Маријана Перковска (Санда) и Рената Наумовска (интернационален ПР експерт).
Од 19:00-20:15 часот, во Музеј на Град Скопје ќе се одржи изложбата „Нераскажаните приказни на суперхероини 4“. Влезот е слободен.
За крај, од 20:30-22:00 часот, ќе се прикажува документарниот филм „Ада за градоначалничка“ во Кино Фросина, МКЦ. Влезот е исто така слободен.
Целата програма за осмото издание на Вечерите на женски права може да ја најдете на следниот линк.
Вечери на женски права (ВЖП) е настан кој традиционално се организира од 2010 година. Настанот, секоја година се одржува во Скопје, на различни локации како МКЦ, Кинотека на Македонија, Градско кино Милениум, Музеј на град Скопје и други.
Настанот „Вечери на женски права“ е резултат на соработка помеѓу Град Скопје, UN Women, Институт за родови студии при Филозофски факултет на „Универзитет Кирил и Методиј“ и „Унивeрзитет за Аудио-визуелни уметности – ЕСРА“, Скопје. Оваа година настанот е во организација на Центар за истражување и креирање политики – ЦИКП Скопје.