Во дворот на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга денеска беше отворено инклузивно игралиште, кое ќе биде место на безгрижна игра и правилен физички развој на учениците, вклучувајќи ги и децата со попреченост, информираа од Фондацијата за образовни и културни инцијативи „Чекор по чекор“.
Инклузивното игралиште е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој работи на подобрување на можностите за образование на децата, вклучувајќи ги и оние со физичка, сетилна и интелектуална попреченост преку обезбедување на пристапни и стимулативни средини за учење, како и високо квалитетна прилагодена настава за учениците, додаваат тие.
„Благодарни сме што во нашата мисија за образование без бариери и сегрегација имаме поддршка и од општествено одговорни компании каква што е компанијата ОКТА. Тоа во јавноста ја испраќа важната порака, дека позитивните промени се можни кога сме вклучени сите во нивна реализација. Убедени сме дека така е можно исполнувањето на заедничката цел – училишта како безбедни средини, кои се отворени и пристапни за секое дете и посветени на квалитетно образование на децата со разновидни образовни потреби“, рече Ана Арсеновска Зафирова од „Чекор по чекор“.
Игралиштето во кое се образуваат околу 1.500 деца е изградено и со вклученост на Општина Струга. Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко рече дека тие работат на подобрување на образовните можности за сите ученици во општината, а особено со акцент на учениците со попреченост.
„Еднаквата социјална и образовна вклученост на децата во училиштата за нас е мотивација да градиме партнерски однос со бизнис секторот и невладините организации. Веруваме дека со достапна и инклузивна средина, соодветно ќе ги развиваме потенцијалите на нашите деца“, рече Мерко.
Инклузивното игралиште е изградено со поддршка на компанијата „Окта“ која претходно ја поддржа изградбата на инклузивни игралишта и во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во скопската општина Аеродром и во општинското училиште „Кочо Рацин“ во Дојран.