Отворено писмо до ректорот на УKИМ, проф. д-р Велимир Стојковски

До редакцијата на дневниот весник „Дневник“ пристигнало писмо во кое м-р Ана Стојанов зборува за своето искуство како кандидат за помлад асистент на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од областа на психологијата. Стојанова вели дека не добила одговор од ректоратот, откако се пожалила дека за позицијата бил избран кандидат со пониски референци и помалку објавени трудови. Еве дел од содржината на отвореното писмо на Стојанова до ректорот на УКИМ, проф. д-р Велимир Стојковски:

Отворено писмо до ректорот на УKИМ, проф. д-р Велимир Стојковски„На Kонкурсот се пријавив со магистратура од Универзитетот во Kембриџ, просек од додипломски студии 9,76, со објавени 12 труда од кои 3 во меѓународни списанија, а едно од нив со импакт-фактор. Јас бев одбиена, а беше (тогаш предложен, а сега веќе) примен кандидат со 1 објавен труд (без да се наведат податоци за списанието заради што не може да се верифицира квалитетот на трудот и списанието) и еден труд поднесен за печатење, со просек 8,86. Тогаш Ви го поставив прашањето „Што уште е потребно за да можам да се вработам на соработничко работно место при УKИМ“. Одговор не добив од Вас, но затоа внимателното читање на рефератот и одговорот на приговорот ми дадоа некоја насока за размислување. Дали знаете дека во одговорот отворено се вели дека квалитетот на објавените трудови не е важен? (Билтен на УKИМ, број 1050, стр. 204) Но, затоа, пак, во рефератот се вели дека е важна лојалноста на кандидатот кон претпоставените. Многу сум збунета. Дали можеби се случило некое трансформирање на Универзитетот во воена институција, па наместо да се цени докажан истражувачки потенцијал, тоа што се вреднува е лојалност кон претпоставените? Но дури и да е така, што не верувам дека е, врз основа на кои критериуми е оценета лојалноста кон претпоставените кога станува збор за почетничко работно место. Навистина, примениот кандидат има искуство како демонстратор, но тоа не значи предност при вработување бидејќи тој критериум го нема по ниту еден закон, ниту, пак, во некоја изјава е наведено дека тие лица ќе имаат предност при вработување.

Од друга страна, Министерот Kралев во неколку наврати ја истакнува важноста на научноистражувачката работа. На пример на 9 октомври 2011 во интервју за Радио Слободна Европа министерот Kралев изјави: „Наша континуирана цел во следниот период ќе остане токму таа, да го поттикнеме и да овозможиме поголема научноистражувачка дејност од страна на професорите и на целата академска заедница.“ На 11.10.2012 министерот Kралев во својата колумна напишал: „Објавените научни трудови претставуваат валоризирани продукти на научноистражувачката работа и се во директна врска со компетенциите на наставниот кадар за изведување високообразовна дејност“. На 7 март 2013, МОН ја промовира стратегијата за спречување одлив на високо образован кадар. Да ве потсетам, јас магистрирав во Kембриџ и од лојалност кон мојата татковина се вратив да придонесам тука, а институциите ми ги затвораат вратите.

Затоа, почитуван ректоре Стојковски, Ве молам јавно да се изјасните: дали е важен квалитетот на објавените трудови при избор на универзитетски кадар или не е?

Доколку не е, ве молам насочете ме кон работно место каде што е важен квалитетот на објавените трудови. Ако е важен, дали сметате дека е исправно и морално првиот член на рецензентската комисија, редовен професор кој нема објавено ниту еден труд во списание со импакт-фактор (според податоците за објавени трудови земени од веб-страницата на Филозофскиот факултет, а и според резултатите од пребарување разни бази) да одбива кандидат кој има таков труд? Со други зборови, се прашувам, дали Вие, почитуван ректоре Стојковски, го одобрувате фактот што лица со истражувачки потенцијали се отфрлаат од Универзитетот? Дали Вие како највисока фугура на Универзитетот сте немоќен пред ваквите случувања и можете само немо да стоите без да се слушне вашиот глас?“, се вели во отвореното писмо на м-р Стојанова во „Дневник“.
.