Отворено писмо: Магистрантите од Филмската академија во Охрид година и пол немаат добиено дипломи

Првата генерација магистранти на „ИФФА Охрид“ испратија отворено писмо до медиумите во кое го искажуваат своето незадоволство поради неажурноста на институциите. Година и пол по завршување на тригодишните мастер студии, магистрантите на „Институтот за филм – филмска академија – Охрид“ ги немаат добиено своите дипломи, а Министерството за образование и наука и понатаму молчи за овој проблем.

Во продолжение, прочитајте го во целост писмото на магистрираните студенти.

„Почитувани,

Ние сме свесни дека проблемот на 6 студенти нема многу да ја заинтересира јавноста, но поради неможноста поинаку да допреме до институциите и одговорните за нашиот проблем, решивме уште еднаш да ги известиме медиумите. Институтот за филм – филмска академија Охрид или ИФФА Охрид е државна образовна институција која (беше)е плод на меморандуми за соработка помеѓу владата на Република Северна Македонија и FAMU, реномираната прашка филмска академија. Ние, студентите од првата генерација 2015/2016, стипендирани од Министерството за образование и наука, година и половина по завршувањето на нашите тригодишни мастер студии, откако целосно ја исполнивме студиската програма и ги одбранивме магистерските тези не можеме да добиеме диплома, ниту некакво уверение за положени испити. Наидуваме на целосен молк од страна на надлежното министерство, а самата академија повеќе не функционира, па веќе губиме надеж дека некогаш ќе добиеме признание за вложениот труд и стекнатото знаење.

Нема да навлегуваме во детали, бидејќи надлежните институции за решавање на овој банален проблем се многупати запознаени и информирани. Сметаме дека е срамен односот и незаинтересираноста од страна на МОН кон студенти запишани на државна образовна институција. Сепак, кога ние се запишувавме на овој инаку прекрасен образовен проект со исклучително лошо менаџирање, сметавме дека проектот е сериозен, а гарант на тоа гледавме во договорите кои ги склучивме како стипендисти на Владата и МОН. Пред една година успеавме да го ставиме нашиот проблем на дневен ред на седница на Владата. Министерството за образование и наука во своите рамки формираше комисија која требаше да изготви извештај со предлог решение. Но откако извештајот бил испратен до кабинетот на министерот за образование и наука, застанува и целиот процес. Повторно се пробиваат рокови за магистрантите, кои година и половина не можат да добијат потврда за завршените магистерски студии. Студентите изгубија уште една академска година за надоградување на своето образование и многу можности за работа, затоа што немаат никаков доказ. Би сакале да знаеме зошто министерството за образование и наука не ја заврши својата обврска и зошто повторно молчи и ги остави студентите на цедило? Зошто министерот за образование и наука не ги спроведе час поскоро препораките од комисијата, формирана токму од министерството со кое тој раководи? Ако проблемот не е кај министерот за образование, тогаш каде е закочена целата процедура?

Истовремено да биде иронијата поголема, ИФФА Охрид има предвиден и одобрен буџет за работа. Исто така, знаеме дека се исплатени сите хонорари за професорите и асистентите на ИФФА Охрид. Па оттука прашуваме, како е можно сите вклучени во образовниот процес и тоа администрацијата, наставниот и помошниот кадар да бидат исплатени за својот труд, а студентите кои се всушност предмет од интерес на целиот вложен труд на професорите, да не можат да ги остварат своите права и да добијат соодветна диплома за завршените студии?
Се надеваме дека оваа објава ќе го натера министерот за образование и наука, заменичката министерка за образование и наука, како и надлежните сектори во рамки на МОН да посветат малку од своето драгоцено време на нашата неправда. Убаво е да го дочекаме крајот на овој филм.
Со почит,
Првата генерација студенти на ИФФА Охрид„