Активистите на граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ упатија отворено писмо до националниот парк Галичица и граѓаните, со кои укажуваат на нефункционалност на веб страницата на паркот и бараат поактивно граѓанско вклучување за спас на Галичица.
„Охрид ЅОЅ упорно и континуирано ги повикува граѓаните да ги користат механизмите за вклучување во процесот на донесување одлуки што е императив во едно нормално демократско општество. На наше огромно задоволство таквите примери се сѐ почести. Токму затоа и граѓаните ја забележаа оваа неправилност на страницата, која, мора да признаеме, изгледа многу симптоматично ако се земе предвид дека на 11 февруари 2016 г. истекува рокот за доставување на коментарите токму по оние документи кои во моментов на јавноста ѝ се недостапни. По организирање на јавна расправа за време на празници ова е повторно прекршување на Архуската конвенција која гарантира навремено и делотворно вклучување на јавноста. Изгледа ваквото однесување ѝ преоѓа во навика на вашата институција.
Нагласуваме дека не е првпат институциите да отстрануваат документи од своите официјални страници и да прават сомнителни интервенции во текстот во период кога има рок за јавноста да ги достави своите забелешки. И претходно се случувало документите да се отстрануваат од страниците или тие делови од страниците да се „нефункционални“. Таков беше случајот и со отстранувањето на Нацрт-извештајот за СОВЖС по Предлог-генералниот урбанистички план за Охрид 2014-2024. Непосредно пред закажаната расправа не функционираше страницата на Општина Охрид, а кога повторно се врати во функција имаше огромна промена во текстот. Имено, само неколку денови пред расправата во текстот се појавиУБ 17.1 Студенчишко Блато, на чиештоместо претходно во истиот документстоешеУЗ 16 Рача.Ненајавената и несоодветна промена, случајно или намерно, ја наведе јавноста во погрешна насока и ја остави недоволно спремна со аргументи за самата расправа.
Бараме одговор од надлежните во Паркот. Зошто токму сега не функционира страницата и како е можно да не функционира исклучиво делот со документите баш во период кога тече рокот за доставување коментари? Потсетуваме дека Охрид ЅОЅ располага со сите документи кои беа поставени на вашата страница и откако ќе го санирате проблемот ќе биде направена детална споредба на текстот од верзиите кои ги имаме ние и новите верзии што ќе се појават“, стои во писмото на активистите на Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ.