Здравствено осигурување за сите специјализанти, платени дежурства, покачување на основната плата и исплата на дел од трошоците за специјализација за 2020 се барањата на група приватни специјализанти од Медицинскиот факултет – Скопје.
Групата своите барања ги соопшти преку отворено писмо до премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче.
Радио МОФ интегрално го објавува отвореното писмо:
Почитувани Г-дин Зоран Заев и Доц. Д-р Венко Филипче, Ние групата на приватни специјализанти при Медицинскиот факултет во Скопје, го пишуваме ова јавно писмо до Вас со цел надминување и решавање на нашите проблеми и барања. Затоа сакаме јавно да ве повикаме, и јавно да ги објавиме нашите барања од круцијален карактер:
Здравствено осигурување за сите приватни специјализанти при Медицинскиот факултет – Скопје, поради што недозволиво е во текот на една од најстрашната светска пандемија во 21-виот век, а веќе во најава и нова светска пандемија од мутиран вирус, дел од медицинскиот персонал кој што работи по КОВИД центрите на Универзитетските клиники да биде здравствено не осигуран.
Платени дежурства за сите специјализанти, зашто само во не хумани и експлотирачки услови работодавецот (во овој случај министерството) го условува работникот (во овој случај специјализантот) да работа во тек на 24 часа, а притоа да не добие никаков финансиски надоместок за тоа.
Покачување на основната базична плата од 26.000 денари, на 32.000 денари на месечно ниво, бидејќи во текот на изминатите 3 години, додека сиот медицински персонал кој што е под државна капа доби покачување на плата од политиката предводена од Вас, a само ние како приватните специјализати не добивме ниту денар покачување.
Покривање на дел или целата сума од трошоците за специјализација за изминатиот летен и престојниот зимски семестар 2020 година, заради тоа што иако нашата едукација на Универзитетските клиники беше сведена на 0 и во еден период сите државни специјализанти беа повлечени по матичните установи, Ние приватните специјализанти овозможивме услови за непречена работа на Универзитетските клиники.
Затоа Ние, групата на приватни специјализанти при Медицински факултет – Скопје Ви се обраќаме на Вас со нашите барања, кои ни следуваат. Бидејќи Ние во ниту еден момент не одбивме работа од било каков карактер, и несебично ги жртвуваме нашите млади животи во хумани цели и во името на медицината во текот на целата оваа тешка година. Затоа бараме што побрзо одржување на работна средба со цел изнајдување на соодветни решенија на постоечките проблеми и барања.
Група на приватни специјализанти при Медицински факултет – Скопје