Младинскиот образовен форум (МОФ) организира отворено предавање на тема „Кога правиме логички грешки? Правила на критичка дискусија и аргументација“ што ќе се одржи во среда (27 март) во Големиот амфитеатар на Филозофскиот факултет од 17 часот.
„На ова предавање, ќе се истражиме моделот на критична дискусија според Ф. ван Емерен и Р. Гротендорст во рамките на т.н. ‘прагма-дијалектичка’ теорија на аргументацијата, вклучувајќи ги и „десетте правила“ врз кои се базира кодексот на рационалната дискусија во контекст на овој модел“, се вели во најавата.
Предавач ќе биде проф. д-р Ана Димишковска која ќе наслика како прагма-дијалектичката теорија на аргументацијата ги третира логичките грешки во дискусијата.
Сите заинтересирани можат да го најават своето присуство со пополнување на формуларот достапен на овој линк.
Инаку, ова е трето од серијата отворени предавања кои ги организира МОФ со поддршка од проектот
„Практикувај демократија“, спроведуван од Фондацијата за демократија на Вестминстер, а финансиран од Британската амбасада во Скопје.