Професорскиот и Студентскиот пленум утре (29 декември) со почеток во 11 часот ќе организираат отворено заседание пред Собранието на Република Македонија каде ќе се дискутираат прашањата за организирање на претстојните масовни демонстрации и начинот на организиран отпор кон предложените измени во образованието.
Како што информираат од Професорскиот пленум, утре на народните избраници ќе им се достават и писмата на професорите од Македонија, писмото на странските професори и писмото на студентите со кои се искажуваат аргументите за неприфаќањето на предложените измени и дополнувања на Законот за високото образование.
– Отворањето на постапката на пленарна седница на Собранието на Република Македонија во спротивност со јавно искажаниот став на најзасегнатите од овие промени, за нас е неприфатлив и недемократски чин и затоа најавуваме уште поголема мобилизација и масовно противење на ваквиот начин на носење на одлуките, се наведува во поканата за отворено заседание пред Собранието.
Во петокот собраниската комисија за образование го изгласа Предлог-законот за високо образование, со што предлогот за воведување на државен испит утре ќе се најде на дневен ред во пред пратениците.