[Outlook 2014] Мирно море и длабоки басови

[Outlook 2014] Мирно море и длабоки басови

Третиот ден од овогодинешното издание на Outlook за нас помина мошне исполнето. Вечерта започна со одличната Metalheadz забава на брод, а подоцна ги слушавме и момците од Shogun Audio, енергичниот Rich Reason и цела листа настапувачи..  Да почнеме од забавата на брод:

Додека чекавме да тргне бродот на кој беше закажана забавата на Metalheadz, го слушавме Andy H. Иако сам на огромната Шведска маса, Andy безгрижно си играше со големото озвучување пуштајќи фина селекција на funk и hip hop. Како што се оддалечувавме од брегот и навлегувавме во длабочините на басот, Fracture ги „загреваше“ присутните за Goldie b2b Doc Scott. Поддржани од MC GQ и MC Lowqui, настапот ја хипнотизираше публиката. Изборот на Goldie содржеше „валкани“ jump up и jungle нумери, а Doc Scott, како контраст, пушташе deep brakes кои и даваа мала шанса на публиката да здивне. Goldie беше толку енергичен што во климаксот на забавата излезе меѓу присутните да се изнаскока и позабавува заедно со нив. За разлика од многу диџеи, Doc Scott не изненади со нетипичен микс на безвременскиот класик од Bad Company “The Nine“. Публиката го дочека мошне енергично и среќно, можеби поради самиот факт дека не го слуша повторно оригиналот. Дури и откако се укотвивме на пристаништето, никој од публиката не беше спремен да го напушти бродот и нагло да ја прекине 3 часовната Metalheadz магија.

На Шведската маса не дочекаа весели dubstep звуци, зачинети со jazz и funk саксофон. Тоа беа последните 15 минути од live настапот на Gramatik. Се упативме кон Ништото, каде што повторно имаше огромна гужва пред самиот влез. Тука Shogun Audio ја прославуваа 10 годишнината од своето постоење. Spectrasoul, поддржан од Mc Linguistics, ја задеваше публиката движејќи се нагоре и надолу низ d’n’b и hip hop звуци (на пример, класикот “Big poppa”од Notorious Big).

Шетајќи низ тврдината и барајќи занимација која би ни ги пополнила следните 90тина минути, влеговме во Арената 1. Тука Cultural Warriors ft Nello B одлично ги анимираа сите присутни со реге. За прв пат влегувајќи во Градината, бевме вчудоневидени од Rich Reason и неговата селекција на hip hop, trap, d’n’b, jungle, juke, future bass, house, moombathon и што се не. Заедно со Tonn Piper, Sparkz и T-man, имаа воспоставено директен линк со потсвеста на публиката, журкајќи се заедно со нив на сцената. Нажалост по него, Barely Legal ја смири атмосферата пуштајќи песни на кои воопшто не им беше таму местото, бидејќи се напишани со намера за релаксирање.

Откако помина и тој час и половина, се упативме назад кон Шветската маса. Таму имаше собир на амбасадорите на jungle-от на сцената, со Congo Natty (и фамилијата), Daddy Freddy, General Levy и Lady Chann. Нивниот настап помина во стандарден jungle стил – со бројни враќања на песните и многу (непотребно) зборување меѓу нив. Со нивните звуци успеаја да ја телепортираат насобраната публика во Јамајка. По нив следуваше Донот на jungle – d’n’b музиката, Randall. Неговиот настап звучеше како old school deep верзија на настапот на Andy C и беше нариран од MC GQ којшто повторно покажа зошто е еден од најдобрите мајстори на церемонијата во светот. Текот на сетот на Randall беше наштиман соодветно на реакциите на публиката што го докажа неговото долгогодишно присуство на сцената.

Во Ништото, повторно настапуваше Friction со SP:MC. Неговиот сет беше поуникатен од вчерашниот, исполнет со deep jungle класици. За пофалба е сцената во Ништото која е мошне специфична, со светлечка инсталација од триаголници и одлични визуелизации во позадината. Веќе уморни, останавме и на настапот на Icicle со MC AD, кој следуваше веднаш по Friction. Сетот на Icicle се издвојуваше од останатите на момците од Shogun Audio по својата мрачност и современост, и големата енергија која ја извлече од публиката толку доцна во ноќта.
Ф.Б.