[Outlook 2014] Небо полно бас и ѕвезди

Првата вечер на фестивалот Outlook мина во знакот на длабоките басови на DBridge, тешката дабстеп селекција на Youngsta, но и невообичаениот избор на Bondax и DJ Zinc. Од Чистинката кон Тврдината, па се до Дупката, Ништото и Арената на Мунгосите , како што се нарекуваа сцените на фестивалот лоциран на тврдината „Punta Christo“ кај Пула, забавата трае 24 часа.

[Outlook 2014] Небо полно бас и ѕвезди

На почетокот на нашето „Outlook“ искуство, се најдовме на Чистинката. Таму не пречекаа длабоките басови на DBridge, нарирани од страна на SP:MC, кои ја воведуваа публиката во целовечерната забава насловена DJ Marky & friends. Со соодветно избраните моменти на hype,  SP:MC одлично се вклопуваше во пикантниот избор на  DBridge. Поради тоа што DB одлучи да го заврши својот сет со чуден избор на неочекувано спор „jungle“, Marky беше приморан да го почека крајот на песната за да започне во негов класичен стил – летни d’n’b нумери. Овојпат Marky реши да изненади и веднаш по првата нумера продолжи со комплетно контрастни „jump up“ звуци. Тој беше поддржан од Stamina MC кој имаше одлична хемија со публиката и будно следеше се што се случуваше, па дури и покажа грижа за немирите во првите редови.

[Outlook 2014] Небо полно бас и ѕвезди

На патот кон Тврдината, од Дупката се слушаше тешката dubstep селекција на Youngsta нариран од LX One. Во Дупката се журкаа голем дел од посетителите на фестивалот, кои што беа дојдени за да ги слушаат токму звуците на Contact. Тука настапија Nomine, V.I.V.E.X, Truth, Youngsta, J:Kenzo и Icicle b2b Proxima. Во длабочините на тврдината, од Ништото ечеше изборот на Bondax и DJ Zinc, techno- garage мелодии на кои што голем дел од британската публика се забавуваше. Влезот во Ништото беше толку преполн што наликуваше на влез во засебен клуб.

[Outlook 2014] Небо полно бас и ѕвезди
Од тука продолживме во Арената на Мунгосите каде што го имавме задоволството да ги начекаме footwerk/jungle/juke траките на Sam Binga. Благодарение на бројните брејкови, публиката беше комплетно анимирана и хипнотизирана. Fracture продолжи во истото авангардно темпо како Binga и беше надополнет од страна на MC Chunky.

На Шведската маса, Buraka Som Sistema ги забавуваа присутните со енергичниот „African turbofolk”. Се чинеше како публиката да регресирала на своите племенски почетоци и целата атмосфера доби карневалски призвук. Во текот на целиот настап, единствениот женски член на бендот и покажуваше на публиката како треба да се движи на нивната музика. „We gue” и „Sai” беа изведени последни, како климакс на одличниот настап на  Buraka Som Sistema. Веднаш потоа, Hannah Wants започна со неверојатна селекција на „old school rave“ измиксан со Daft Punk и зачинет со „future bass“.

[Outlook 2014] Небо полно бас и ѕвезди
На крајот на нашето Outlook искуство на првиот ден, се вративме на Чистинката каде што S.P.Y осцилираше од весели и лабави во тешки и мрачни нумери, неоставајќи ја публиката да земе здив. MC Lowqui се покажа како одличен наратор, првично затоа што знаеше кога треба да молчи, а исто така и со изборот на зборови кои што варираа од обично нафрлање до издржана социјална критика (“Stop taking selfies, party! Live the moment!”).

Ф.Б.