На вториот ден од фестивалот, акцентот беше ставен на сетовите на ѕвездите Andy C и Friction кои ја забавуваа публиката на „Шведската маса“. Притоа се издвоија и невообичаениот петчасовен сет на Jah Shaka и настапите на момците од Dispatch Records во „Дупката“.
Во дневниот дел од програмата, на плажата публиката уживаше во настапите на Andy H / Tuesday club DJ’s, Breakers, The Mouse Outfit (live), Daddy G, Johnny Dub и Anushka. Ние го имавме задоволството да ги проследиме Daddy G и Johnny Dub, кои што имаа одлична селекција на „ragga jungle“ класици, зачинети со ултра модерни „juke“ и „deep“ нумери. За време на нашата прошетка на плажата, бевме пресретнати од XYM кој со неговите одлични маркетинг способности не натера да го ислушаме и купиме неговиот албум The Shayman Corner.
На почетокот на вечерта, се искачивме на „Чистинката“. Тука Andres и екипата на Eglo Records имаа воспоставено disco-jazz-funk-techno, сеопфатна атмосфера во која што бројната публика се забавуваше како во старите времиња – на игранка.
Од тука се симнавме кон „Шведската маса“, како и огромен број од останатите посетители на фестивалот. На ред беше мајсторот, Егзекуционерот, ѕверот на басот – магичниот Andy C. На самиот старт на неговиот сет се почувствува умешноста и флуидноста помеѓу него и MC GQ, одбирајќи ги вистинските моменти за „rewind“ (враќање) на песните на кои што најенергично реагираше публиката. Дури и GQ не издржа да не изрази незадоволство на ненадејното запирање на текот, што беше поддржано со многу овации.
Се што пушти Andy беше VIP или ремикс на класици, хитчиња и многу повеќе од тоа. Меѓу нив највпечатливи беа „чудната“ верзија на Troglodyte (Culture shock), неиздадената jungle – hip hop – jump up (first time exclusive) трака на Andy и легендарниот микс на „Get free” (Major Lazer), како климакс на сетот.
По него следуваа Friction и SP:MC. Можеби е престрог коментар, но она што го чувме вчера беше далеку под очекувањата и капацитетите на Friction. Неговиот сет звучеше како детска репетиција на сетот на Andy, повторувајќи барем половина од пуштените траки, со предвидливо миксање и побавен тек.
За релаксација, ја посетивме „Арената на Мунгосите“ каде што Jah Shaka со неговиот петчасовен сет ја „образуваше“ публиката за reggae dub – од класични до ултра модерни dub plates.
Оваа вечер „Дупката“ беше преземена од страна на Dispatch Records, претставувајќи ги Gerra & Stone, Quadrant & Iris, Safire & Finna, Dub Phizix b2b Skeptical ft Strategy, Marcus Intalex & MC DRS, Ant TC 1 b2b DLR & Mc Gusto, Cern & MC Fokus, Optiv b2b BTK & MC JC. Сетот на Cern беше пријатно изненадување со осцилации помеѓу jungly – footwerk и deep & heavy. По него, за крај на нашето вечерно искуство на вториот ден на Outlook, ги слушавме пионерите Optiv b2b BTK и еден од нивните класични темни и енергични сетови, зачинети од страна на MC JC.
Ф.Б.