Во сабота (20 мај), во Музејот на современата уметност во Скопје, со почеток во 19 часот ќе се одржи отворено предавање и дискусија со Себастијан Цихочки водечки куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава, Полска насловено „Ова е уметност и уметноста е многу нешта”*.
Како што е наведено од кураторот, во 1970-тите години Јиржи Лудвински (Jirzi Ludwiński), полски уметник, теоретичар и критичар, го најавил доаѓањето на пост-уметничкото време. Тој забележал дека трансформацијата на уметноста е резултат на преземање на сосема нова форма; онаа која критичниот јазик на неговото време не беше во можност да ја критикува. Лудвински тврди дека пост-уметноста има неспорно поголем потенцијал отколку активностите кои се традиционално признаени како уметнички.
Како може да се измери коефициентот на уметноста во еден уред кој собира магла и кој ги снабдува со вода жителите на пустината во Чиле? Колку уметноста е присутна во процесот на соработка меѓу турски пчелар и кошница на пчели во текот на производството на психоактивен мед? Прашањето што навистина вреди да се постави е: Постои ли повеќе уметност во или вон ѕидовите на музејот?
Насловот на предавањето го парафразира насловот на изложбата: „Ова е изложба, и изложбата е многу нешта“ во S.M.A.K. во Гент (1994), опишана како „забавна палата, урнебесна соба, дисконт магацин, музеј без ѕидови, пустелија и кабинет за куриозитети на прекрасното и безначајното“.
Себастијан Цихочки (Sebastian Cichocki) е куратор, писател и уметнички критичар. Тој е водечки куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава и куратор на Sculpture Park во Bródno дистриктот во Варшава. Во периодот од 2005-2008 година бил директор на Центарот за современа уметност Kronika во Битом (Полска). Гравниот фокус на истражувањето на Цихоцки е пост-уметничкото и 1:1 размерните практики, концептуалните рефлекси во уметноста, ленд артот, теоријата на нештата и книгата како форма на изложба. Тој е куратор на голем број самостојни и групни изложби, вклучувајќи го претставувањето на Monika Sosnowska на полскиот павилјон на 52-то, и Yael Bartana на 54-то Биенале во Венеција. Има реализирано голем број на експериментални изложби во форма на книги, либрета, како и резиденциски програми и предавања. Цихоцки живее и работи во Варшава.
6. Интернационален симпозиум „Кураторски размени“ е годишен симпозиум кој ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства кои се однесуваат на теоретски и уметнички истражувања, кураторски практики и едукација.
Симпозиумот е куриран, организиран и реализиран од страна на историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, и уметниците и коосновачите на Проектниот простор Прес ту егзит, Јане Чаловски и Христина Иваноска.
Овогодинешниот симпозиум е организиран во соработка со: Музејот на современа уметност, Социјалниот центар „Дуња“ и Клуб ГЕМ, а поддржан од: Министерство за култура на Република Македонија, Австриска амбасада, Амбасада на Кралството Шпанија и Aмбасада на Република Полска.