Итно да се тргне градежната механизација која работи на расчистување на трасата за изградба на гасовод на Водно, побараа еко-активистите од иницијативата Го сакам Водно, додавајќи дека иако побарале официјална одлука од Владата, немаат добиено никаков одговор.
„Ја прозиваме Владата неколку пати, чекаме официјален став. Ова нема да го дозволиме. Не може кој што сака да прави во државава. Кога ќе го знаеме официјалниот став ќе продолжиме понатаму. Нашиот официјален став моментално е – тргнете ги багерите од Водно“, изјави еко-активистката Татјана Стојановска, на денешната пресконференција пред просториите на Град Скопје.
Од иницијативата информираа дека по две средби со вицепремиерот Кочо Анѓушев, добиле уверување дека ќе добијат конечен став од Владата по ова прашање. Но, додека тие го чекале официјалниот одговор, вчера направиле проверка и забележале дека механизацијата во меѓувреме започнала со работа на сртот на Водно.
Активистите упатија уште еден апел до Владата да го стопира одобрението за градба, бидејќи велат дека постојат засегнати страни кои не се согласуваат со таквата градежна дозвола, додавајќи дека додека не се добие една конечна одлука во која ќе се знае мислењето на секоја институција и секоја засегната страна, тие ќе сметаат дека владата донела еднострано и преќутно решение кое ги засега граѓаните на Скопје.
„Во однос на изборот на делницата, нашето барање е нова студија, бидејќи од 2011 година има многу големи промени на инфраструктурата на Водно. Од сознанијата кои ги имавме, разгледувани се пет траси, од кои четири минуваат низ северната страна на Скопје, а едната минува низ јужната страна – Водно. Изборот, според нашите сознанија, за јужната страна е поради временскиот и финансискиот аспект, бидејќи на северната страна ќе бидат потребни долги и тешки експропријации на земјишта. Според нас, не може никако да се земе финансискиот и временскиот аспект над деградацијата на нашите природни богатства. Сметаме дека мора да се ревидира и да се анализира дали изборот на трасата мора да биде од јужната страна, или може да се направи и низ северната страна“, изјави Стојановска.
(Дополнето) Владата со соопштение реагираше на барањата на еко-активистите, посочувајќи дека дефинирање целосно нова траса не е можна, но дека гасоводот е национален еколошки проект кој ќе влијае позитивно на животната средина.