На официјалното отворање на филмскиот фестивал „Преку езерото“ вчера до Дојран, на актерот Владо Јовановски му беше доделена наградата „Мето Јовановски“ за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот.
„Оваа награда што ми претставува особена чест, ќе ми претставува уште еден товар во куферите што ние актерите ги носиме на нашите плеќи. Ова треба да се оправда, ова треба да се заслужи, ова треба постојано и секогаш во секој нареден проект да се достоинствено да се оправдува а тоа не е лесно. Господ да ми е на помош“, рече Јовановски и се заблагодари за наградата.
Наградата ја додели почесниот конзул на Република Србија во Македонија, г-дин Владимир Стајиќ.
„Вечерва моја е честа да ја доделам наградата на еден исклучителен уметник чие име е синоним за врвно актерство и посветеност на филмската уметност. Тој трпеливо ја градеше својата кариера и остави неизбришлива трага во светот на кинематографијата. Еден од ретките наши актери чиј широк актерски распон е препознаен, видлив и вреднуван и кој стана миленик на публиката на целиот Балкан“, истакна Стајиќ.
Пред присутните се обрати и претседателката на Советот на филмскиот фестивал „Преку езерото“, Мими Ѓорговска Илиевска, која рече дека сè она што Владо Јовановски го прави различен од многу други актери, еднакво извонредни како него – е неговата посебност, неговата киногенија, неговото присуство во кадарот кое ве привлекува да го гледате дури и без да дејствува, без да збори, без да се движи, дури и без да трепка со очите вие сте ставени во ситуација да очекувате нешто да случи.
Во текот на вчерашниот фестивалски ден беа прикажани филмовите „Руски конзул“ на Мирослав Лекиќ, Србија кој е истовремено и последниот филм на Мето Јовановски, македонскиот „Параноик“ на Андреј Георгиев и францускиот „И покрај тоа што е ноќ“ на Гилермо Гарсија Лопез.
Претходно, во претпладневните часови, како дел од студентската програма во овогодишното издание на „Преку езерото“ се одржа вториот пичинг на студенти на конкурсот за финансиска поддршка на дипломски филмови каде младите ги споделуваа своите идеи и планови со директорот на фестивалот Јани Бојаџи и Александар Русјаков – ментор за пишување сценарија.
Целата програма на фестивалот погледнете ја тука.