Пациентите од Кочани се сместени во 25 болници ширум Европа, на еден пациент во Солун извршена му е трансплантација на кожа на рацете, информираше Клековски

Пациенти со тешки изгореници продолжуваат да се испраќаат во специјализирани болници во странство, а бројот на земји во кои се лекуваат може да се зголеми од 12 на 14, изјави денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

„Во моментов, пациентите се сместени во 25 специјализирани болници ширум Европа. Во Бугарија имаме девет пациенти во ‘Пирогов’ во Софија, тројца во ВМА Варна и исто толку во Пловдив. Во Грција, три лица се во болницата ‘Папаниколау’ во Солун, а уште неколку во други здравствени установи во Солун и Атина“, изјави Клековски на прес-конференција во Владата.

Тој додаде дека пациенти со изгореници се испратени и во Турција (тројца во Истанбул и шест во Анкара), како и во Холандија, Австрија, Литванија, Полска, Италија, Белгија и Хрватска.

„Листата ќе продолжи да расте, бидејќи овие повреди бараат специјализирани услови и тимови. Најголем дел од болниците се воени или специјализирани медицински центри за третман на изгореници, со цел пациентите да добијат најдобра можна здравствена заштита“, нагласи Клековски.

Во Македонија, дополнително се згрижени 70 пациенти со изгореници, а помош пружаат и меѓународни експерти.

„Во моментот на испомош имаме специјализирана екипа на лекари од Чешка кои веќе работат со македонските колеги. Очекуваме и британски експерти кои ќе помогнат во наредните фази на лекувањето“, изјави Клековски.

Фото: Влада

По досегашните фази во кои се третирале пациентите, рече тој, сега ќе следува онаа во која ќе треба да се трансплантираат кожни графтови. Потврди дека на еден еден од пациентите што бил пренесен на лекување во Солун веќе му била трансплантирана кожа на рацете.

Тој додаде дека се во контакт со фондација од Холандија која има банка за кожни графтови за да бидат донесени во земјава и да се размислува за се почне со реконструктивната фаза.

„Денеска од Велика Британија доаѓаат експерти што ќе ни помагаат да ја планираме следната фаза на лекувањето на пациенти која ќе трае долго“, рече Клековски.

Прашан колку пациенти во таа прва фаза би биле опфатени со ваков третман, Клековски рече дека плановите веќе се прават на Клиниката за пластична хирургија.

„Во моментот на Клиниката за пластична хирургија ги прават плановите во која фаза колку пациенти треба да бидат опфатени. Од историјата во минатото такви зафати и комплицирани и помалку комплицирани се правени на клиниката така да оттаму ќе не информираат за темпото и во согласност со тоа ќе почнеме да работиме“, посочи тој.

Тој додаде фокусот е на реорганизацијата и се размислува одредени клиники да се специјализираат за овој третман.

„Се фокусираме на таа фаза веќе и тоа се планирани следни чекори бидејќи згрижувањето на овие пациенти е завршено. Сакаме да се концентрираме на две болници и да ги повлечеме пациенти за да овозможиме простор и за други пациенти“, одговори тој на новинарско прашање.

Инаку, денеска претходно министерот за здравство Арбен Таравари кажа дека вкупно 178 повредени пациенти, 64 се третираат во јавните здравствени установи во државата, 13 пациенти во приватните, а 101 пациент се третираат во странски медицински центри.

Таравари: Денеска е последниот транспорт на повредени во странство, во релативно стабилна состојба се повредените лица и нема починати