Стартот на новиот чет-бот базиран на вештачка интелигенција (ВИ) на Гугл започна со многу проблеми откако сподели неточни информации во промотивното видео што предизвика загриженост кај инвеститорите.
Компанијата Алфабет, која е сопственик на Гугл, загуби 100 милијарди долари во пазарната вредност вчера поради стравувањата дека ја губат битката со Мајкрософт и чет-ботот „ChatGPT“.
Проблемите за Гугл започнаа откако новинската агенција Ројтерс пренесе дека забележале грешка во рекламното видео за чет-ботот „Bard“ во кое се поставува прашањето „Кои нови откритија на телескопот „Џејмс Веб“ можам да му ги кажам на моето 9-годишно дете?“. Чет-ботот понудил повеќе одговори, од кои едниот сугерира дека телескопот „Џејмс Веб“ ги направил првите фотографии од планета надвор од Соларниот систем – егзопланети. Сепак првите фотографии на егзопланети се направени од Многу големиот телескоп (ВЛТ) на Европската јужна опсерваторија во 2004 година.
Досега ова рекламно видео за „Bard“ било погледнато повеќе од милион пати на Твитер.
Гугл ја откриле оваа грешка пред самото пуштање на презентацијата, но нивните одговори очигледно не влијаеле позитивно кај инвеститорите.
„Ова само ја потенцира важноста на ригорозниот процес на тестирање, нешто што го започнуваме оваа недела со нашата доверлива програма на тестери. Ќе го комбинираме надворешниот фидбек со нашите внатрешни тестирања и ќе се осигураме дека одговорите на „Bard“ ја задоволуваат високата граница за квалитет, сигурност и стабилност во информациите од реалниот свет“, изјавил портпаролот на Гугл.
Презентацијата на Гугл не содржеше детали за тоа како планираат да го интегрираат „Bard“ во нивниот интернет пребарувач. Ден претходно Мајкрософт имаше настан на кој објавија дека веќе ја објавиле верзијата на нивниот пребарувач Бинг со интегрирани функции на чет-ботот „ChatGPT“.