Корисниците на „WhatsApp“ низ светот утрово се соочуваат со проблеми во користењето на апликацијата која ја користат милијарди луѓе низ светот за комуникација.
Платформата започнала да прикажува проблеми при праќање и примање пораки околу 9 часот утрово, а дел од корисниците цело време добивале известување дека апликацијата се обидува да се поврзе (connecting). Доколку се обидете да ја користите веб верзијата на „WatsApp“ грешката која се добивала гласела: „Осигурете се дека вашиот компјутер е поврзан со интернет“.
Според сајтот „Downdetector“, последниве два часа регистрирани се стотици илјади пријави за проблеми во користењето на апликацијата, а според првичните информации падот на „WhatsApp“ се случува на глобално ниво.
„Свесни сме дека некои луѓе во моментов се соочуваат со проблеми во испраќањето на пораки и работиме да ја вратиме функционалноста на „WhatsApp“ за сите, колку што е можно побрзо“, вели порпаролот на Мета, Џошуа Брекман, во изјава за „The Verge“.
Ова е прв голем пад на „WhatsApp“ откако платформата се соочи со слични проблеми минатата година, кога имаше пад и на Инстаграм, Месинџер, Окулус и Фејсбук. Тој пад траеше речиси шест часа пред да биде надминат и „WhatsApp“ да проработи.
Од компанијата Мета, тогаш информираа дека падот бил поради промените на конфигурацијата на нивните рутери. Во моментов другите платформи на компанијата функционираат нормално.