„Pakkyōne“ – перформанс со грлено и аликвотно пеење во „Буква“

Мултиинструменталистот и истражувач на грленото и аликвотно пеење, Валерио Мироне, доаѓа во скопскиот локал „Буква“, каде на 9 ноември, четврток, ќе ја претстави куклата Pakkyōne.

Pakkyōne е кукла што свири на цитра издлабена од шупливо дрво и има чудни ѕрнѕурки излеани од кршен камен, бакар и топено олово. Мироне посочува дека куклата нема лице и очи, па понекогаш позајмува маски во различни облици за да го гледа светот и да не се сопне.

„Pakkyōne е кукла облечена во крпи, безопасни игли и партали најдени во една мала запуштена селска куќа. Зборува на необичен јазик од звучни графеми, мавтајќи со главата. Гласните жици со кои го гребе воздухот му се сошиени од канап и листови нане натопени во смола“, се вели во описот на „Буква“, од каде посочуваат дека Pakkyōne е кривотворба на Валерио Мироне, галамџија и туркиџија.

Валерио Мироне настапувал како актер и композитор за Teatro del Baglio di Villafrati, театар за кој снимил триделен албум посветен на епот „Кит убиец“ (Horcynus Orca) од Стефано Д’Ариго.

Предава јапонски јазик, член е на Lelio Giannetto’s Contemporary Sounds Unity и надворешен соработник во Италијанскиот културен институт во Токио и асоцијацијата за современа музика Curva Minore.

Во моментов работи како преведувач, музичар и изведувач. Utveggi (4 албуми, турнеја во Јапонија), Pakkyōne (албум што ќе биде издаден оваа година и е придружен со европска турнеја во ноември/декември 2023 година), Monogatari и ансамблот Wadi на фондацијата Merz се дел од проектите во кои учествувал и активно учествува.