Под мотото „Истражи ја креативноста – од отпад до уметничко дело“, „Пакомак“ го отвори традиционалниот награден конкурс ,,Trash for art 2024“ кој е наменет за деца и возрасни.
Од „Пакомак“ информираат дека конкурсот е отворен од 26 јануари и ќе трае до 26 февруари 2024 година. Учесниците ќе се натпреваруваат во три категории: градинки, основни училишта и поединци и други институции (средни училишта, факултети, невладини организации и други).
Во секоја категорија ќе бидат доделени по три парични награди, 30.000 денари за прво место, 20.000 за второ и 10.000 денари за трето место.
Дополнително, оваа година ќе се доделуваат и две специјални награди, од кои едната е за уметничко дело изработено само од електронски отпад и ја доделува „Нула Отпад“ во вредност од 30.000 денари, додека другата е за најдобро уметничко дело изработено од амбалажен отпад на Прилепска Пивара, за што компанијата ќе додели награда од 30.000 денари.
„’Trash for art’ e уникатна и единствена можност да ја разбудиме и поттикнеме креативноста кај луѓето. Притоа, корисни сме за околината и ја развиваме свеста за управувањето со отпад и неговиот третман од страна на населението после употребата на производите. Ние во ‘Пакомак’ веруваме во креативниот потенцијал и се радуваме на сите дела кои ќе пристигнат. Ќе доделиме вредни парични награди и веруваме дека тоа ќе биде дополнителен мотив за вклучување во натпреварот“, велат од „Пакомак“.
Од таму наведуваат дека под амбалажен отпад се подразбираат: лименки, пластични и стаклени шишиња, тегли, капачиња, картонски кутии, конзерви, амбалажа од козметика и од средства за чистење, фолија за пакување, дрвени палети, тетрапак, кеси од чипс, обвивки и слично. Под електронски отпад и отпадни батерии се подразбираат: мобилни телефони, кабли, полначи, цедиња, матични плочи, сијалици, екрани, таблети, поточно сѐ што работи на струја или батерии, а повеќе не се употребува.
Исто така, еден учесник има можност да пријави повеќе дела. За изработките од амбалажен отпад потребно е да се употребат минимум 10 парчиња (од ист или од различен тип амбалажа) во висина до 150 см. Од друга страна, за уметничко дело од електронски отпад и отпадни батерии треба да се употребат минимум три дела.
Откако ќе бидат финализирани, сите дела треба да се достават или испратат по карго служба во Кинотека на Република Северна Македонија, во Скопје („Другарче”, наспроти средното училиште „Никола Карев”) на 26 или 27 февруари, најдоцна до 16 часот.
Наградените дела ќе бидат објавени на веб-страницата на „Пакомак“ на 28 февруари и истите ќе останат во сопственост на компанијата.
Повеќе околу правилата за учеството може да се најдат на официјалната веб-страна на „Пакомак“ или на нивниот фејсбук или инстаграм профил.
Инаку, натпреварот се организира веќе 13 години и на него се изработени многу вредни и уникатни дела чии фотографии можат да се погледнат на профилите на социјалните мрежи на Пакомак.
Натпреварот се реализира со поддршка на „Нула отпад“ и Прилепска пивара.