Палачинки, кафе и музика – средношколци организираат хуманитарна акција за свој соученик

Средношколци, ученици во скопската гимназија „Здравко Цветковски“ (ГУЦ), заедно со соученици од Математичко-информатичката Гимназија (МИГ) утре, на 6 ноември, ќе организираат хуманитарен базар, а со собраните средства ќе помогнат на нивни соученик.

Од 8 и 30 изутрина, во дворот на гимназијата „Здравко Цветковски“, сите граѓани може да си купат топли палачинки и кафе, и со тоа да помогнат во собирање на средства за медицинска помош на младиот Леонид Индов, кој летово доживеал тешка несреќа.

Хуманитарниот средношколски настан ќе се одржи во рамки на прославувањето на патрониот празник на гимназијата „Здравко Цветковски“.

„Ние, професорите од МИГ повикуваме на кампања да се организираме колку е можно повеќе училишта и други институции, за да помогнеме во собирањето средства за нашиот ученик Леонид Индов. Да помогнеме на еден млад живот да се врати на своето секојдневие. Лео е прекрасен и учен млад човек, со големи амбиции да помогне на човештвото. Да му помогнеме на Лео да се врати на своите амбиции, праќаме апел до сите луѓе да донираат за еден млад човек, кој има големи замисли“, истакнува професорката од МИГ, Дијана Петрова.

Средношколскиот хуманитарен базар е само еден од низа хуманитарни настани кои младите ги организираат за да му помогнат на својот соученик.

На 16 ноември, во дебармаалскиот клуб „Private club“, учениците, заедно со професорите најавуваат хуманитарна журка со диџеј сетови на Галоски, Јован Вуковиќ и Мирко Попов.

Учениците од МИГ на 30 октомври, организирале и неколку други настани за собирање на средства. Утрешниот средношколски базар е втор во низата на активности.

Инаку, Индов е дел од младинскиот македонски тим кој годинава освои прво место на меѓународниот натпревар „НАСА спејс апс челинџ“, преку анализа на движењето на Меѓународната вселенска станица.

Тој, заедно со тимот го посетил НАСА Кенеди Центарот во Флорида.

Ивана Смилевска