Малата пацифичка држава Палау има најголема стапка на вакцинирани лица против Ковид-19 во светот, објави Црвениот крст денеска и ги повика соседните земји да го следат примерот и да ги засилат напорите за вакцинирање на населението, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Меѓународната федерација на Црвен крст (ИФРЦ) објави дека 99% од населението во Палау над 12-годишна возраст е целосно вакцинирано против коронавирусот, повикувајќи се на владини податоци, кои укажуваат дека се работи за 16.152 лица.
Оттука, Палау го зазеде „првото место“, соопштија од ИФРЦ, надминувајќи ги земјите како Португалија, која е прогласена за една од земјите со највисока стапка на вакцинирано население, односно 80 отсто од 10 милиони жители минатиот месец.
Ова претставува голема спротивност со другите мали држави во регионот кои побавно воведоа вакцинација поради ограничувањата во снабдувањето и колебливоста на населението.
Според податоците на Светска банка од 2020 година, во Палау живеат нешто над 18.000 граѓани.