Палестинските новинари ја добија наградата на УНЕСКО за слобода на медиумите

Палестинските новинари кои известуваат за војната во Газа ја добија награда за слобода на печатот на УНЕСКО/Гилермо Кано за 2024 година, објави УНЕСКО. 

Наградата  со која се слави слободата на медиумите им беше доделена на палестинските новинари во Чиле.

„Во овие времиња на темнина и безнадежност, сакаме да споделиме силна порака за солидарност и признание до оние палестински новинари кои ја следат оваа криза под такви драматични околности“, рече претседателот на жирито Маурицио Вајбел.

Генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулај рече дека со наградата се оддава чест за храброста на новинарите во тешки и опасни околности.

„Уште еднаш оваа година, наградата не потсетува на важноста на колективната акција за да се осигура дека новинарите ширум светот можат да продолжат да ја вршат својата основна работа за известување и истражување“, изјави Азулај.

Според Комитетот за заштита на новинарите со седиште во Њујорк, најмалку 97 новинари и медиумски работници се меѓу повеќе од 35.000 убиени од почетокот на војната на 7 октомври.