Пандемијата ги откри недостатоците на системот и ги маргинализираше лицата со попреченост

Пандемијата со КОВИД-19 ги исфрли недостатоците на системот на површина и ја влоши маргинализираната позиција на лицата со попреченост, имајќи ефект врз нивните здравствени и социјални услуги, образование и работа. Речиси третина (29,4 %) имале тешкотии на работното место, како откази, намалена плата и отсуство, додека дури 76% од испитаните им се зголемиле трошоците, особено за хигиенски средства и лекови.

Анализата што ја правеше Хелсиншки комитет за човекови права со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД), покажа дека државата не ги испочитувала обврските што произлегуваат од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Особено обврските за нивно активно вклучување во процесите за донесување на одлуки.

Ова, според Бојана Јовановска од Хелсиншки комитет, важело и за граѓанските организации што ги претставуваат. Здруженијата недоволно соработувале и меѓусебно,  бидејќи државата не овозможила координирана соработка со релеватните чинители.

„Единствените позитивни мерки за пандемијата се однесуваа на непречено движење на лицата со попреченост за полицискиот час, издејствувани откако беше донесена мерката. Сепак, ограниченото движење во голема мера негативно се одрази потребите за физичка активност и активности во природа на децата со попреченост“, укажа Јовановска, препорачувајќи поголема евиденција, статистика при креирање мерки и Регистар за лицата со попреченост.

Фото: ВФД

На денешната тркалезна маса во „Холидеј ин“, во однос на пристапот до права и услуги, Јовановска укажа дека имало големи тешкотии со ограничената социјализација. Тешко било да одржуваат физичка дистанца, носење маска, избегнување групирање и сл.

„Пример, глувонемите не можеа да читаат од уста. Исто така, лицата со попреченост не можеа да разберат која е потребата од физичкото дистнацирање. А, да не зборуваме за пристапноста во однос на инвалидска количка, орпотедски помагала…“, нагласи таа.

Само мал дел од лицата и оние што се грижат за нив се обратиле до Центрите за социјална помош, а помал дел побарале помош од здруженија.

„Само мал дел од испитаниците ја добиле бараната помош и ги оствариле бараните права. Ова е важно и за процесот за деинституционализација. Таа не значи само промена на адресата на лицата со попреченост, туку и развој на услуги“, забележа Јовановска.

Извор документ „Влијанието на Ковид-19 кризата врз лицата со попреченост“

 

Трошоците рипнаа за пандемијата. Освен за хигиена и храна, дополнително оптоварување за домашниот буџет била набавката на суплементи, како што се витамини, продукти за превенција, но и за третирање на вирусот, кои ги нема на позитивната листа Фондот за здравство.

„За оние што потребната терапија ја набавуваат од странство, затворањето на границите и рестрикциите им наметнаа нови тешкотии. Лицата со попреченост не беа опфатени со мерките за државна финансиска помош, особено оние што се неработоспособни“, потенцираше Јовановска.

Во однос на образованието, Наташа Петковска од Хелсиншкиот комитет рече дека 68.5% потврдиле потешкотии при пандемиската едукација. Децата со попреченост се соочиле со предизвици при следењето онлајн наставата, која беше несоодветна и неприспособена на нив и на различните видови попреченост.

„Спроведувањето на наставата се одвиваше во недостиг на соодветни образовни помагала. Односно, немање техничка опрема за наставата, како и недостиг на соодветна поддршка – образовен асистент, специјален едукатор и сл“, забележа таа, наведувајќи дека активностите што се одвиваа преку МРТВ не ги адресирало потребите на овие лица.

Во делот на здравството, шест од осум чинители се согласуваат дека пристапот до здравствени услуги за лицата со попреченост и нивните семејства бил изразено поограничен за пандемијата.

Дел од нив (двајца чинители) го наведуваат чекањето редици во аптеките и нивното редуцирано работење како една од пречките.

Половина од испитаниците (51,4 %) се соочиле со тешкотии поврзани со транспортот и мобилноста за време на пандемијата. Од оние што имале тешкотии со транспортот, најголем дел како проблем го посочиле укинувањето на организираниот превоз од дневните центри за лица со попреченост (28,3 %).

На денешниот наста беше укажано оваа криза го продлабочува постоечкиот јаз и дискриминацијата со која се соочуваат лицата со попреченост.

Меѓу препораките од Хелсиншки се да се вратат во функција услугите за рехабилитација, прегледи и интервенции, а пунктовите за тестирање за КОВИД-19 да бидат пристапни. Вадењето на документацијата за социјална заштита да се прави електронски. Освен поддршка за следење настава во образованието, потребна е и соодветна асистивна технологија и образовни помагала.

Бојан Шашевски