Во последните три години бројот на жени-жртви на семејно насилство постојано се зголемува. Бројот на жртви во 2020 година изнесувал 1.051, од кои 839 биле жени, додека во 2022 година нивниот број се искачил на 1.191, од кои дури 942 биле жени.
Ваквите податоци, објавени неодамна од Државниот завод за статистика, укажуваат дека во нашата средина семејното насилство зема голем замав и остава трајни последици врз жртвите, особено за време на корона пандемијата. Ако во 2020 година имало 839 жени жртви на насилство, во 2021 година таа бројка се искачила на 889 жртви.
И последниот годишен извештај на МВР укажува дека трендот на семејно насилство се зголемил за 6% во однос на 2021 година.
„Најголем дел од кривичните дела се извршени на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Скопје-279 и Битола-203, потоа СВР Тетово-145 и СВР Штип-138 дела, каде е забележан пораст на делата за 35,5%, односно за 46,8% во однос на лани, додека намален број на кривични дела бележат подрачјата на СВР Велес и СВР Куманово“, стои во извештајот.
Најголем дел од случаите на семејно насилство жртви се сопругите, а потоа жените кои живеат во вонбрачна заедница и мајките. Според полицискиот извештај, како најголеми причини предничат растројствата на сторителите, алкохолот и дрогите.
За заштита и поддршка во државата отворени се шест шелтер центри: Скопје, Свети Николе, Битола, Кочани, Велес и Охрид. Ваквите центри нудат првична заштита на жените жртви на семејно насилство. Во Скопје има уште еден шелтер Центар кој е раководен од граѓанска организација (ОЖ Скопје) и во Струмица кој е со поддршка на локалната самоуправа, а го раководи граѓанска организација (СКАЈ плус). Оваа година и од општина Гостивар издвоиле парични средства за отворање на шелтер во Полошкиот регион.
Во едно јавно сведоштво, објавено од страна на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост (ЕСЕ) жена-жртва на семејно насилство раскажува како била малтретирана пред очите на нејзините деца за време на карантин.
„Подолго време трпев психичко и економско насилство. Минатата година тоа ескалираше и со физичко насилство кое се случи за време на карантинот. Таткото на мојот поранешен сопруг ме удри во пределот на слепоочницата, по што јас паднав долу на подот и бев во неколкуминутно бесознание. Ме крена тогашниот сопруг и ме зароби на креветот во спалната соба. Ме држеше приклештена околу половина час“, вели таа.
Жртвите на семејно насилство спасот го бараат во здруженија и институции кои се залагаат да им обезбедат правна поддршка и започнување нов живот.
Пример за унапредување на човековите права на жените во Македонија е Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Нивната мисија е координирано делување на граѓанските организации кон унапредување на политиките во борбата против насилството врз жените и семејното насилство.
Ана Аврамоска Нушкова од Мрежата вели дека нивниот пристап кон насилството врз жените и семејното насилство се темели на препознавање и заштита на човековите права на жените. Понатаму, родово-сензитивен пристап кон насилството врз жените и семејното насилство, осуда на секој вид на родово базирано насилство; застапување на интересите на жртвите, но и солидарност и соработка помеѓу организациите-членки и транспарентност во работењето на Мрежата.
„Бидејќи изминатиов период ни покажа дека не е само да имаме добри закони на хартија туку истите треба и правилно да се применат, започнувајќи од 2020г започнавме да даваме директна помош и поддршка на жртвите на семејно насилство со посебен фокус на домувањето. Отворивме куќа за отворено домување со поддршка на град Скопје, која преставува форма на поддржано живеење за жени жртви на семејно насилство, и е дел од моделот за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство“, вели Аврамоска Нушкова.
Ваквата програма од Мрежата ја продолжиле и следните две години но како индивидуално домување, подржувајќи ги жените со плаќање на закупнина и режиски трошоци во определен период. Оттаму додаваат дека целат кон создавање општество без насилство, во кое жените ќе можат целосно да ги развиваат своите потенцијали и активно да учествуваат во креирањето на заедници на еднакви можности.
Пишува: Симона Паскоска
*Овој производ е изработен во рамки на програмата за менторирање на млади новинари, како дел од проектот Fostering Youth activism through online media.‘