Пред речиси две недели, лични и образовни асистенти кои работат со лицата со посебни потреби во училиштата на територијата на Општина Карпош добиле известување дека нивниот договор за ангажман е прекинат во мај, иако како што тврдат, првично требало да трае до 10 јуни.
Причина е затворањето на училиштата откако се прогласи вонредна состојба поради пандемијата на Ковид-19, а со тоа и неможноста да се работи директно со овие ученици. Но, асистенти велат дека образовниот процес не застанал и дека повеќето од нив и понатаму работеле со децата, иако онлајн.
„Подготвував материјали, вежбанки по математика и македонски јазик, пуштав логопедски вежби“, раскажува личната асистентка Е.Н.
Таа вели дека целиот овој период била во контакт со родителите на детето со кое работела за да им дава упатства како да ги извршуваат домашните задачи и да ги прават вежбите. Секој од нив, иако онлајн, се обидувал да најде свој начин на функционирање за време на вонредната состојба.
„Од друга страна, наставниците требаше нас да ни праќаат материјали и ние тие материјали да ги прилагодуваме за децата како асистенти. Но, тоа за жал не се случи и моравме сами да си гатаме која е следна тема или да се водиме по некој наш план за да знаеме до каде е детето“, вели таа.
Дел од нивната група уште во март се обратил до надлежните за да се информираат што ќе се случува периодов поради вонредната состојба, но според Е.Н. одговор добиле дури неодамна и тоа кусо дека договорот им завршил и нема да добијат исплата за април и мај.
Од Општина Карпош велат дека асистентите биле исплатени за цел март, иако учебната година била прекината уште на 11 март поради вонредната состојба.
„Потоа ние немаме евиденција дали некој работел или не со децата, бидејќи имавме и лични асистенти кои не може да работат по телефон, туку треба да се грижат за децата“, вели Гордана Зафировска, помошник раководител на Сектор за дејности од јавен интерес при Општина Карпош.
Таа признава дека не биле навремено известени од Министерството за образование и наука и УНДП за ситуацијата, но бидејќи учебната година не продолжила, ниту Општина Карпош, ниту УНДП можеле да ги исплатат за април и мај.
Со проектот се опфатени 22 лични и образовни асистенти, но поради големиот интерес, од Општината самостојно ангажиралe уште 17 лица. Според Зафировска, дел од нив веќе се заинтересирани да продолжат во наредниот период ако има повторно можност. Таа вели дека се прават напори во иднина Општината да излезе во пресрет на граѓаните и на асистентите.
Емилија Петреска