Панел дебата „Општествените промени по Украина“ утре на Филозофскиот факултет

Со почеток во 10 часот, утре (четврток) на Филозофскиот факултет во Скопје се организира панел дискусијата „Општествените промени по Украина“, која е дел од серијата на дебати „Академски видик“.

Панел дебатата ќе ја отвори претседателот Стево Пендаровски, амбасадорката на Украина Наталија Иванивна Задорожљук и деканот на Филозофски факултет Ратко Дуев, посочуваат од Филозофскиот факултет. Говорници на дискусијата ќе бидат професорите Марјан Ѓуровски, Оливер Бакрески, Милева Ѓуровска и Антоанела Петковска од Филозофскиoт факултет.

„Преку одржување на форумот имаме за цел потикнување на јавна дебата како и да дадеме придонес кон надминување на предизвиците со кои ќе се соочува македонското општество и светот како импликација на војната во Украина. Теми за дискусија на панел дебатата е: Какви импликации има војната во Украина врз безбедноста и одбраната? Како војната во Украина го смени светот? Како војната во Украина може да ја смени историјата? Како војната во Украина изврши социо-демографски промени? Какво влијание војната во Украина имаше врз економската безбедност? Како војната во Украина влијаеше врз психологијата на комуникации? Како лажните вести ја убиваат вистината за војната?“, посочуваат од Филозофскиот факултет.

Оттаму велат дека факултетот е вистинското место каде на едно место државни и меѓународни претставници, професори и истакнати општествени чинители треба да дебатираа на темата „Општествените промени по Украина“.

„Ова е најважната тема која за жал ќе ја водиме во една светска криза наметната преку војната во Украина. Општествениот придонес на серијата дебати ‘Академски видик’ е во неговиот концепт да даде придонес кон помагање во решавањето на некои општествени проблеми или процеси“, додаваат од Филозофскиот факултет.

Дополнително, оттаму посочија дека настанот може да се следи на Фејсбук страницата на факултетот и преку „Зум“ на следниов ЛИНК.