Во рамки на „Beach Film Festival“ во Охрид ќе се одржи панел дискусија на тема „Неопходноста од филмска едукација во училишните програми, но и во рамките на неформалното образование во културните институции, организации и центри“ на 20 јули (сабота) со почеток во 17 часот на бродот „Армада“ во Охрид, во организација на Кинотека на Македонија и Гете-Институт
„Оваа панел дискусија е дел од проектот „ФилмЕД“ (filmED) кој има за цел да развие и имплементира програми за обука за наставници и едукатори кои ќе стекнат знаења и практики за воведување на филмското образование во наставните програми. Методологиите и практиките развиени во рамките на проектот преку веб-платформа ќе бидат достапни за сите оние кои сакаат да имплементираат филмска едукација наменета за деца од различни возрасти“, истакнуваат од организацијата.
Тие велат дека со оглед на проблемите со кои се соочуваат, потребно е да се постави прашањето, кои практики би биле од голема корист за просветните работници и наставниците во обидите да го интегрираат филмското образование во нивните програми.
„Панел дискусијата ќе се обиде да укаже на овие проблеми, да ја истакне нивната важност и да започне дискусија за нив“, додаваат оттаму.
Учесници на панел дискусијата ќе бидат Дамјана Патчева виш филмолог во Кинотека, Саша Станишиќ режисер и координатор на „Филмска училница FIMAY“, Гордана Бабоска стручен соработник за образовна соработка во Гете-институт Скопје, Ана Опачиќ директор на фестивалот БФФ, Ивана Маховска-Шикалеска наставник во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид и Емилија Ристановска наставник во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје.