Во вторник (18 април) од 20 часот во КСП Центар-Јадро во Скопје ќе биде отворена самостојната изложба „Panta rei“ на Наташа Гелева.
Изложбата се состои од избор од 25 фотографии од истоимениот циклус и воедно претставува еден вид омаж на Скопје. Оваа целина е и начин да се искористи природата на фотографскиот медиум, посебно урбаната фотографија, за да се направи обид за зачувување на сеќавањата, наспроти хаотичниот тек на промените.
„Тие се документ којшто ни доловува само еден миг во сеопштиот тек на незапирливата промена. Фотографиите колку и да се слични, по својата дефиниција, тие се една уникатна перспектива за времето кое поминува и материјата која се трансформира. Снимени од конкретна перспектива дефинирана од просторни координати во точно одреден момент, тие ги документираат различните фасети на градот кој постојано се менува“, стои во освртот на изложбата од Владимир Јанчевски.
„Отфрлени столчиња, кукли-манекени пред дуќаните, старо-нови споменични обележја, и по некоја човечка фигура – оваа фотографска серија непретенциозно ги поставува избраните визури во групи, како диптих или триптих, и се резултат на увидот во специфични релации, формално-декоративни јукстапозиции, аналогии, стилски противречности… Тие се надвор од логиката на хронологијата и движењето на просторот, но истовремено ни отвораат можност и за обид да се реконструира градот во простор и време. И, секако, да се постави одново прашањето за улогата на граѓаните во развојот и промените на својот град – каде сме ние, каде одиме, како настануваат тие промени, зошто и за кого, и како промената нѐ менува нас самите“, додава Јанчевски.
Наташа Гелева е родена во 1978 во Прилеп. Има дипломирано на Филолошки Факултет, отсек Германски јазик и книжевност. Се занимава со фотографија од 1999 и има зад себе неколку групни изложби во Македонија и странство, како и неколку самостојни изложби. Како позначајна може да се издвои изложбата „Елегија за старата железничка“ во Музеј на Град Скопје во 2012. Фотографиите и се со перформативен карактер и во нив најчесто ја испитува интеракцијата на женското тело со простори или предмети во распаѓање со тоа укажувајќи на минливоста на нештата. Освен со фотографија се занимава и со видео и заедно со режисерот Јане Алтипармаков соработуваат на неколку проекти, меѓу кои документарниот видео-арт „И фабриките имаат душа“ направен под координација на продуцентот на филмовите на Стенли Кјубрик, Јан Харлан и на неколку музички спотови. Член е и на Иницијатива за Независен Културен Активизам (ИНКА), организатор на ДРИМON.
Фото: КСП Центар – Јадро