„Panta rhei“ – изложба на скулптури од Марјан Стојаноски

На 16 мај од 20 часот во Културно-информативниот центар во Скопје ќе биде отворена изложбата на скулптури од Марјан Стојаноски насловена “Panta Rhei”.

„Последното ликовно достигнување на академскиот скулптор Стојаноски е насловено „Panta rhei“. Овој опус скулптури има современ призвук кој наликува на пат кон иднината, кон непознатото. Идејниот израз на авторот е отелотворен  визуелно во метал. Делата поседуваат динамизам, тие се асоцијативно- ротирачки формации кои претставуваат рефлекс од едно друго време, рефлекс од безвременоста, рефлекс од вселената. Кругот, неговата моќ и неговото симболистичко сфаќање раскажуваат за panta rhei. Феникс, повторно раѓање, издигнување од пепелта е наративно пораката што ја носи оваа изложба. Стојаноски е патник низ времето, тој волшебно ја менува својата стварност оставајќи траг кој сведочи за творечка физиономија создадена во духот на новото време“, вели за изложбата Мирјана Крстева Массетти.

Изложбата ќе биде отворена до 24 мај.

Биографија: Марјан Стојаноски е роден во Прилеп 1983 година. Средно образование завршува во уметничкото училиште„Лазар Личеноски” во Скопје. После завршување на средно образование, се запишува на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди, каде што под неговото менторство го завршува факултетот. Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во два наврати е претседател на друштвото на ликовни уметници од Прилеп (ДЛУП) каде што во 2015 година, ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул” од друштвото на ликовни уметници од Прилеп. Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни изложби. Живее во Прилеп, каде што  работи во Центарот за Култура „Марко Цепенков”.