Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување за 2022 година кое го доделува Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).
За доделување на наградата одлучува стручно жири што овој пат беше во состав на Милован Стефановски (член), Весна Дамчевска Илиевска (член) и Александра Јуруковска (претседател). Според образложението за изборот, се работи за слоевито, комплексно дело, кое пред читателот открива неколку светови и мноштво силни пораки.
„Андоновски многу свесно, прецизно и луцидно си поигрува со времето и просторот, со временскиот дисконтинуитет, но и со една од вечните човекови опсесии – бесмртноста. Трите главни приказни се одвиваат во три периода, со (не)случајни синхроницитети меѓу нив и низ неколку клучни теми: верност, вечност, туѓиот грев и сопствената безгрешност. Романот отвора и силни прашања за семиотиката како демонологија, за губењето на невиноста на јазикот и писмото низ пишувањето и говорењето. Толкувањето на знаците води и кон силна духовна христијанска расправа за избавување од гревовите преку слушање, послушание, тихување, до повторното раѓање токму во јазикот. „Папокот на светлината“ е возбудливо одгатнување неколкукратно кодирани кодови, отворен дијалог со дела важни за книжевниците, филозофите и теоретичарите, но и со теми важни за читателот без кој не би постоеле ниту текстот, ниту маргините, ниту Книгата“, велат од комисијата.
На конкурсот за наградата „Стале Попов“ во ДПМ пристигнаа осумнаесет дела од исто толку автори. Друштвото оваа награда традиционално ја доделува уште од далечната 1975 година.
Врачувањето на наградите за најдобрите остварувања ќе се одржи на 13 февруари, денот на Друштвото на писателите на Македонија.