Македонските уметници Ангел Миов, Филип Јовановски, Маја Кировска и колективот ОПА ќе се претстават на уметничкиот фестивал Сараевска зима. Изложбата е насловена „Паралелен универзум“, а од денеска до 15 март се одржува во галеријата „Дуплекс х100м2“ во Сараево.
Според кураторот Џон Блеквуд, изложбата има цел да промовира истакнати уметници од современата македонска сцена, а ќе го следи развојот на различни уметнички сцени во Скопје и во Сараево, како и визијата на уметниците за универзумот претставен како центар, а не како маргина.
Изработката на каталогот и рецензијата за настапот на македонските уметници на фестивалот за Опсесивно посесивна агресија (ОПА) е на Бојан Иванов.
Ангел Миов е визуелен уметник од Гевгелија. Работи на повеќе медиуми, инсталација, видео арт, видео перформанс, сликање и фотографија.
Филип Јовановски е уметник и архитект од Скопје. Тој е директор на AKTO фестивалот во Битола и е добитник на наградата „Денес“ (за најдобар млад уметник во Македонија) .
Маја Кировска е уметничка од Скопје. Студирала графичкиот дизајн, графичка уметност и моден дизајн. Во уметноста твори во повеќе медиуми, а нејзина специјалност е инсталација, објекти и интервенција во простор.
Групацијата ОПА (Опсесивно посесивна агресија) е основана во 2011 година од страна на визуелниот уметниците Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски.