Парламентот на Уганда донесе закон со кој се криминализира идентификувањето како геј лице или сексуално малцинство.
За да стапи на сила законот треба да биде потпишан и од претседателот Јовери Мусевени.
Според законското решение геј лицата можат да се соочат со долги затворски казни, а пријателите, семејствата и членовите на заедницата имаат должност да пријават луѓе во истополови врски на властите.
Хомосексуалните дејства веќе беа нелегални во оваа источноафриканска држава, но сега со закон се предвидува да се криминализира и самиот сексуален идентитет на луѓето.
Овој закон доби поддршка од големо мнозинство во Парламентот на Уганда, а сега ќе се најде пред претседателот, кој може да го потпише и законот да стапи на сила, или пак да стави вето и да задржи дел од односите со западните донатори и инвеститори.
Во текстот на законот исто така се предвидува доживотна казна затвор за лице кое би било осудено за трговија со деца со цел да бидат вклучени во хомосексуални активности.
Поединци и институции кои спонзорираат или поддржуваат ЛГБТ активности или организации, или пак објавуваат и дистрибуираат про-геј материјали и литература, исто така би се соочиле со прогон и затворска казна.
Активистите и ЛГБТ лицата во Уганда велат дека анти-геј расположението во земјата ги изложува на физичко и онлајн насилство и овој закон може да има огромни последици за сите граѓани на Уганда.
Истополовите врски се забранети во околу 30 африкански држави, најчесто поради тоа што огромен дел од населението има конзервативни религиозни и општествени вредности.