Белгискиот парламент преку донесена резолуција бара од владата да се заложи за признавање и казнување на „екоцидите“ пред меѓународните судови, по моделот на гонење на злосторствата против човештвото.
Ова гласање со големо мнозинство мора уште да се потврди на пленарна седница на парламентот „за две до три недели“, што би требало да биде формалност, кажа еден од предлагачите на текстот, пратеникот на Зелените Самјуел Коголати.
Во необврзувачката резолуција се бара од белгиската влада да иницира нов меѓународен договор со кој би се казнувал екоцидот.
Со резолуцијата се предлага Белгија во таа цел да се здружи со земјите кои најмногу се залагаат за воспоставување таков суд како што се Луксембург, Финска, Шпанија и Франција (каде во јули беше воведено кривично дело екоцид).
Другата можност за белгиската влада е да појде по примерот на државите како островите Ванату и Малдиви кои побараа измена на договорот за основање на Меѓународниот кривичен суд во Хаг за во него да се внесе екоцидот, со военото злосторство и геноцидот.
„Оваа реформа на Римскиот статут (со кој е формиран ИЦЦ) во моментов е најпрагматичниот пат“, кажа за Франс прес Коголати.
За тоа е потребна поддршка од две третини од околу 120 земји учеснички во тој договор.
Кина, Соединетите Американски Држави и Русија не се заинтересирани бидејќи не го признаваат ИЦЦ.
„Во момент кога очите на светот се вперени во климатскиот самит во Глазгов, сакаме да обезбедиме криминализацијата на екоцидот да стане тема на меѓународните дебати. Кривичното право мора што побрзо да ѝ помогне на планетата“, порачаа белгиските пратеници на Зелените.
Излевањето на нафтата од танкерот Ерике во Франција, хемискиот отпад на американската компанија 3М во пристаништето во Антверпен, нетранспарентноста на Монсанто (сега подружница на германски Бајер) околу штетноста на хербицидите – сето тоа би можело да се влучи под новото кривично дело.
„Треба да се прекине со неказнувањето на големите загадувачи“, порачаа белгиските пратеници.