Партиски консезус околу потребата од носење „Закон за млади“

Сите политичките партии, нивните подмладоци и младинските организации се согласни, потребно е донесување Закон за млади во Македонија со кој ке се регулираат темите од интерес на младите, беше истакнато на јавната расправа во Собрание, насловена „Дали и каков закон за млади ни треба?“ Затоа, низ целата држава ќе се организираат дебати и расправи за тоа што треба да биде вклучено во новиот закон и кои прашања треба да се регулираат со него.

„Пратениците изградија консензус за овој Закон, кој не спаѓа во т.н реформски закони. Сите пратенички групи во Собранието се обединуваат кон една и единствена цел, а тоа е иднината на младите во Македонија, нивното активно учество во креирање политики и подобрување на стандардот на младите во Македонија“, истакна пратеничката Ивана Туфекџиќ, и претседавач со Клубот за младински прашања и политики.

Таа појасни дека за првпат, закон се изготвува на ваков начин, кога започнуваат консултации за иницијатива, наместо за готов предлог текст.

На јавната расправа беа присутни пратеници, претставници на партиските подмладоци, младински организации и институции чија работа е поврзана со младите. Поради краткото време предвидено за расправата, тие се осврнаа на најбитните точки кои треба да ги вклучува Законот за млади, како волонтерството, учеството во креирање младински политики, вработувањата, но и потребата од буџет за новиот закон да не остане само на хартија.

„Нашиот белег ќе биде да им овозможиме на младите да водат сопствени битки, но во рамка која ќе им дозволи пристап до сите нивоа на власт“, истакна во своето Блажен Малевски, од Националниот младински совет на Македонија.

Зоран Илиевски, од Коалицијата СЕГА, како дел од работната група го објасни процесот на изготвување на законот, кој почнува со низата јавни дебати, па се со поставување онлајн на верзиите на предлог Законот, за сите да може да се вклучат со свои мислења и забелешки.

Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт забележа дека соработката помеѓу младинските организации и институциите е клучна за развивање на квалитетно општество.

„Сите ние се залагаме за општество во кое гласот на младите не само што ќе биде слушнат, туку нивните идеи и предлози ќе бидат преточени во конкретни предлог политики и ќе може директно да бидат вклучени во процесот на донесување одлуки“, посочи Каевски.

Мимоза Муса, од подмладокот на Алијансата на Албанци посочи дека овој закон е од голема важност бидејќи со него треба да се регулира животот, позицијата и активноста на младите во општеството. Од подмладокот на ДУИ акцент беше ставен на потребата од намалување на младинската невработеност, во рамки на новиот закон за млади, додека од Унијата на млади на ВМРО ДПМНЕ  во излагањето се осврнаа на позитивните политики за млади носени во периодот кога оваа партија беше на власт. Пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, Невенка Стаменковска пак, ја поздрави иницијативата за новиот закон.

„Ова е прв ваков закон во чиј почетен процес се вклучени сите пратенички групи во Собранието на РМ, и се надевам дека овој процес заедно ќе го завршиме“, посочи Стаменковска.

Ј.Ј.