„Партизанска штампа“ и „Еквалис“ подготвија уникатно визуелно патешествие низ скопските маала, преку мапата на фонтани и чешми со питка вода на која работеа над 20 креативни умови.
„На 10 март (недела), на пладне (во 12 часот), во Мобилна / Монтажна Галерија во Парк на франкофонија – Скопје, дојдете и запознајте се со состојбата на фонтаните и чешмите и нивната функција во јавниот простор на Скопје, како и нивната функција во служба на граѓаните, преку нашата изложба која ја насловивме ‘Жед’, велат од „Еквалис“.
Според здружението, изложбата го претставува проблемот со функционалноста на јавниот простор, како и идејата за тоа кому припаѓа и кому (треба да) служи тој јавен простор.
„Користејќи ја традиционалната и уникатна техника на рачно печатење, ситопечат, 20тина млади граѓан(к)и ја претставуваат сопствената перспектива за јавниот простор, предизвиците и визијата која ја имаат за истиот“, соопштува „Еквалис“.
Од таму велат дека во процесот на мапирање на терен, учесниците детектирале над 200 функционални и нефункционални чешми низ различни делови од Скопје. Во текот на креативниот процес беа издвоени неколку конкретни функционални чешми кои потоа беа претставени визуелно преку техниката ситопечат.
Оваа изложба е дел од програмата „Креирање мапа на чешми со питка вода преку техника на ситопечат“, а е дел од проектот „Промоција на младински активизам и граѓанско учество“, спроведуван од Здружението за едукативен развој – „Еквалис“, а финансиски поддржан од National Endowment for Democracy.