Младите од земјите членки на ЕУ, како и уште неколку земји, меѓу кои и С. Македонија ќе можат да патуваат низ Европа во период од 30 дена преку програмата на Европската комисија – „Откријте ја ЕУ“, пренесува „Euronews“.
Патувањето ќе трае од 15 јуни до 30 септември оваа година, а преку програмата 35.000 млади ќе добијат бесплатни железнички карти за да ја откријат Европа.
Комисијата во програмата ги вклучи и младите од С. Македонија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Србија и Турција, а пријавувањето трае до 29 март.
За да ја добијат својата карта, младите треба да се пријават преку Европскиот младински портал и да одговорат на пет квизови и едно прашање. Успешните кандидати родени помеѓу 1 јули 2004 година и 30 јуни 2005 година ќе можат да патуваат низ Европа во период од 30 дена.
Оваа година, младите ќе можат да ја откријат новата европска рута „Баухаус“, која беше пуштена во јануари. Младите ќе можат да ги уживаат и придобивките од иницијативите покренати во рамки на „Европската година на младите 2022“, кои вклучуваат различни дестинации и културни сегменти како архитектура, музика, ликовна уметност, театар, мода и дизајн.
Една од останатите активности која продолжува и со овој повик е обезбедувањето на картички за попуст на сите учесници, кои нудат над 40.000 можности за попуст на јавниот превоз, културните обележја и настани, сместувањето, храната и спортските активности за време на патувањето.
„Националната агенција Еразмус+ ќе ги поддржи младите и со информативни средби пред поаѓањето, подготвувајќи ги за патот. Ќе бидат организирани ‘Откриј ја ЕУ средби’ кои ќе траат од еден до три дена во сите Еразмус+ земји“, соопшти Европската Комисија.