Медиумите во Флорида се во потрага по мистериозниот патник кој успешно слетал авион откако пилотот се онесвестил за време на летот.
Гласот на неидентификуваниот човек може да се слушне во јавните снимки од летот како им кажува на контролата на летот дека „нема идеја како да го запре авионот“.
Контролорот, кој ги учи новите пилоти, му помогнал на човекот да го приземји авионот на Аеродромот Палм Бич нешто по пладне во вторникот. Двајцата се сретнале на пистата и се прегрнале по слетувањето, но наводно не си ги размениле имињата.
„Имам сериозна ситуација овде. Мојот пилот е онесвестен“, се слуша гласот на маж преку радио врската додека авионот е на 2.750 метри висина во воздухот.
Запрашан за позицијата на која се наоѓа, тој одговорил: „Немам никаква идеја“, додавајќи дека единствено можел да го види брегот на Флорида пред него.
„Одржувај ја позицијата на крилата и труди се да го следиш брегот или по северната или по јужната страна. Се трудиме да те лоцираме“, му одговорил контролорот.
На снимката може да се види како долгогодишниот инструктор за летање, Роберт Морган, му помагал на патникот да го управува авионот. Тој му дал инструкции да ги вклучи контролите и да се спушта многу бавно додека се приближувал кон пистата.
„Во моите очи, тој е херојот. Јас само си ја вршев мојата работа“, рекол Морган, кој го оценил слетувањето како 10 од 10.