Идните кандидати на локалните избори во октомври да бидат инспирирани и водени од желбата општините да ги направат подобро место за живеење за децата и младите. Ова преку отворено писмо им го порачува претставничката на Фондот за деца на Обединетите нации во Северна Македонија, Патриција Ди Џовани.
Во продолжение, Радио МОФ го пренесува во целост отвореното писмо до кандидатите на локалните избори:
Децата и младите имаат право да се чуе нивниот глас и да влијаат врз прашањата што им се важни. Тие се директно засегнати од одлуките на локалните лидери за образованието, животната средина, детската и социјална заштита и урбанистичкото планирање, но често се исклучени при нивното донесување.
Загрижувачки е што 60 проценти од младите во Северна Македонија веруваат дека не можат да имаат влијание врз начинот на работа на властите, а 85% од нив никогаш не биле консултирани од властите. Претстојната изборна кампања е можност за вас, кандидатите за локални функционери, да ги вклучите младите во дискусија за тоа како општините да станат по мерка на децата и младите.
Слушнете го гласот на младите во предизборната кампања и дајте им простор да ја изразат својата визија за општината. Дајте заложба дека ако станете градоначалници или општински советници, ќе работите на формирање ефективни локални младински совети кои ќе им дадат вистински и уважуван глас на младите при носењето одлуки. Притоа, не само што ќе постапите според обврската од Законот за младинско учество и младински политики, туку ќе создадете и простор за оспособување на младите да бидат двигатели на промени кои ќе ви помогнат да изградите подобра иднина за нив и за идните генерации.
Стремете се кон градење општини во кои сите деца ќе имаат еднакви можности. Одредени прашања се разликуваат од општина до општина, но конвенционалните обврски за поуспешна имплементација на Конвенцијата за правата на детето вклучуваат: испорака на квалитетни локални услуги, отстранување на пречките за вклучување на младите – каде спаѓаат и младите со попреченост, погодените од сиромаштија, етничките малцинства и други ранливи групи, справување со загадувањето и зајакнување на образованието за животната средина. Клучните предизвици поврзани со овие три општи приоритети се следниве:
Пристап до квалитетни локални услуги
Истражувањата покажуваат дека пристапот до квалитетни програми за ран детски развој и учење претставува клуч за образовниот успех, како и за благосостојбата, вработливоста и социјалната интеграција. Затоа, Европската Унија постави за цел постигнување опфат на 95% од децата со предучилишно образование, со фокус врз квалитетот. Сепак, само 20% од децата во руралните средини на земјата посетуваат предучилишно образование, а само 47% во урбаните средини.
Законот за заштита на децата предвидува достапни алтернативи за општините, со цел програмите за предучилишно образование и ран детски развој да станат реалност дури и во заедниците со најмалку ресурси. Вашата заложба за повеќе средства и поголема опфатеност со предучилишно образование, како и за подобри услуги на детска и социјална заштита, може на сите деца да им даде можност за најдобар почеток во животот.
Заедниците и семејствата би сакале да видат кандидати за градоначалници и локални советници кои се стремат да креираат програми за социјална заштита во нивните општини, општински совети за превенција од конфликт на децата со законот, центри за поддршка на родители, услуги за поддршка на менталното здравје и психо-социјална поддршка, општински центри за лица-жртви на семејно насилство и советодавни центри за семејно , родово насилство и насилство врз деца. Имајќи ги предвид првичните и подоцнежните негативни ефекти од пандемијата со КОВИД-19, овие услуги имаат уште поголемо значење за благосостојбата и закрепнувањето на децата и семејствата.
Деца и млади со попреченост
Изборната кампања ќе биде одлична можност да ги претставите вашите планови за отстранување на бариерите – не само физичките, туку и бариерите во однесувањето – коишто ги спречуваат децата и младите со попреченост подеднакво да учествуваат во сите сфери на животот во локалната заедница.
Заложете се за пристапност на јавниот превоз, пристапност на тротоарите и сите јавни простори за лицата кои користат инвалидска количка и лицата со оштетен вид, како и пристапност за сите деца до службите, институциите и станбените згради.
Треба да се воспостават услуги во заедницата за поддршка на децата со попреченост, со цел тие да го достигнат својот целосен потенцијал и да имаат продуктивен живот, како и да се обезбедат образовни и лични асистенти, работа со скратено работно време за родителите и други мерки за поддршка на нивните семејства.
Животна средина и климатски промени
Проблемите со животната средина ја замрачуваат иднината на децата и младите. Тие имаат право да растат и да се развиваат без да се грижат дали здравјето ќе им биде уништено од загадување. Анкетите меѓу младите покажуваат дека загриженоста за животната средина влијае врз нивната желба да мигрираат во други земји. Претстојните избори даваат можност да ги искористите идеите на младите преку консултации со нив за создавање зелена општина, но и преку обрнување поголемо внимание на животната средина и климатските промени во образованието.
Ако размислувате да се кандидирате за градоначалник или локален советник, ве молиме разговарајте и консултирајте се со младите за овие и други прашања од важност за нив. Слушнете ги повнимателно нивните проблеми и предложете решенија што ќе ги решат тие проблеми. Прашајте ги родителите што сакаат за своите деца и за младите. Вашата општина нека биде по мерка на децата и младите.
Исто така, ги повикувам младите, нивните семејства и младинските организации да ја искористат оваа можност и да им се обратат на кандидатите за градоначалници и советници, искажувајќи ги своите ставови и потреби.
Изборите се можност да се погледне во иднината. Но, таа иднина треба да се изгради сега, а децата и младите треба да бидат дел од неа сега. УНИЦЕФ е подготвен да обезбеди поддршка и да работи со децата и младите, нивните семејства и локалните функционери, за општините да станат по мерка на децата.