Младински образовен форум (МОФ) од 24 до 28 декември организира патувачка изложба на дигитални постери изработени од млади креативци.
Делата на патувачката изложба се директен резултат од повеќедневна работилница, која имаше за цел да разработи дел од креативните алатки како: Фотошоп, Илустратор и Канва и конкретно да ги афирмира и потенцира клучните наоди од истражувањето: Младински (не)еднакви можности и потреби – Предизвиците и потребите на младите според големината на местото на живеење.
„Преку овие изложби, млади креативци, уметници и ентузијасти од целата држава сакаат да поттикнат изедначување на разликите помеѓу руралните и урбаните средини. Дополнително, авторите и изложбата ќе се обидат да придонесат за зголемување на свеста преку нивните дигитални уметнички дела“, соопштува МОФ.
Патувачката изложба ќе биде поставена во три градови низ државата: Скопје, Кавадарци и Виница и ќе биде отворена за сите граѓани кои се заинтересирани да ја проследат и повеќе да се запознаат со младинските можности и потреби, како и различните потешкотии и ситуации со кои се соочуваат младите од различни места на живеење.
Патувачката изложба ќе биде поставена според следниот распоред:
1. Кавадарци – 24.12.2021 година (петок), во Младинскиот центар;
2. Виница – 27.12.2021 година (понеделник), во изложбениот простор во домот на културата „Тоше Арсов“
3. Скопје – 28.12.2021 година (вторник), Youth Community Center – Скопје, Чаир.
„Ве очекуваме со цел да поразговараме околу делата, како и приликите во кои младите живеат и функционираат, а кои би можеле да се подобрат и унапредат преку заложбите на локалните власти и младинските организации“, велат од МОФ.
Изложбата е дел од проектот Квалитетни образовни политики и можности за младите кој се спроведува со поддршка од Фондација Отворено општество Македонија.