Патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“ пристигна и во Струга

Во саботата во просториите на општина Струга беше презентирана патувачката изложба за животот и делото на Ана Франк. На 39 паноа, од кои шест се однесуваа на македонскиот контекст во овој период, средношколците во улога на кустоси ја презентираа трагичната судбина на Ана Франк и нејзиното семејство во периодот на Втората светска војна.

Изложбата ја отвори претседателот на Младинскиот образовен форум – Ристо Савески.

Изложбата е дел од проектот „Историја – лекции за сегашноста“ и се спроведува веќе 10 години во Македонија и вкупно се посетени триесет и две општини до сега. Оваа изложба ја претставуваат и млади од Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Оваа изложба е наменета да ги комуницира проблемите од блиското минато кои генерираат поделби и омраза, особено денес кога се ставаат историските факти под знак прашалник“, рече Савески.

На изложбата имаше голема заинтересираност, особено од основците и средношколците кои ја водеа изложбата, но и поддршка од нивните наставници и професори, како и директорите од основните и средните училишта во Струга.

Средношколката и кустот на изложбата Евгенија Грданоска рече дека подготовките за изложбата поминале лесно.

„Темата беше многу интригантна, но и трогателна, лесно ја совладавме и бевме спремни за денешниот ден. Најмногу ми се допадна делот кога посетителите сами прашуваа со цел да дознаат повеќе за некој одреден настан, што се случил во животот на Ана Франк“, рече Грданоска.

Според неа, случката која најмногу ги трогнала посетителите била 25-от панел, односно панелот кој се однесуваше на моментот кога Ана Франк беше предадена.

Видео и монтажа: Анастасија Шикоска, Един Кормакоски; фотографија: Мерве Шкурче, Александар Спироски; известува: Теодора Ѓоќеска; текст: Јана Парталоска; интервју: Теона Велковска

*Оваа објава е дел од #МладинскиГлас – мини рубрика на Радио МОФ каде се објавуваат содржини од членовите на младинските новинарски клубови на Радио МОФ. Прилогот е изработен од клубот во Струга под менторство на новинарот Бобан Перески.