Започнува 13-то издание на патувачкото кино „МакеДокс“ што и оваа година е во различен формат. Годинешното издание започнува од денес (18.07) со проекција во селото Пиперево, а „подвижните приказни“ ќе патуваат се до Габрово во сабота (23.07) кога ќе се емитува последниот документарен филм.
„Ќе собираме приказни од правнуците на комитите на југоистокот чии прадедовци ги предизвикале светските медиуми да пишуваат за Македонија со месеци уште во првата година од XX век. Ќе собираме приказни за мравјалниците, блатото, ендемската флора, но и за одекот на македонскиот петвековен крик – приказната за првото модерно киднапирање во светот“, се вели во најавата за фестивалот.
Останатите проекции ќе бидат:
19.07. – Вељуса
21.07. – Моноспитово
22.07. – Босилово
23.07. – Габрово
„Во рамки на Патувачкото кино ќе се одржи и првата сесија од четвртата генерација на школата за млади документаристи ‘МакеДокс’ – ‘ДокуНикулци’. На Патувачкото кино тие ќе се запознаат со документарниот филм, ќе развиваат свои приказни, ќе работат на нив во текот на годината и ќе ни ги прикажат на следното издание на фестивалот ‘МакеДокс’“, велат од организацијата.
Патувачкото кино на „МакеДокс“ 2022 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна
Македонија, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Општина Струмица, Општина
Босилово и Општина Василево.