Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ е на Патувачко кино, кое годинава се одвива во Демирхисарскиот регион од 17 до 28 август. Првите две проекции се одржаа во Крушево и во селото Журче.
„Револуција и револуционери – зборови кои најчесто се поврзуваат за едно шармантно гратче во Западна Македонија, високо распослано во природните прегратки на планината Бигла. Гратче за кое се испеани многу песни, каде што пукнало Црешовото топче, каде што Питу Гули со своите комити-револуционери се борел со турскиот аскер. Од тие причини и од многу други, кои не можат да се раскажат туку само да се доживеат, Патувачкото кино на „Македокс“ тргна токму од Крушево“.
„На 17 август го „распукавме“ филмското платно на сред Крушево со краткиот документарен филм „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков. По него следуваше долгометражниот документарен филм „Плати и жени“ на режисерот Атанас Георгиев-Фаца, кој откако се ожени, си плати и си купи една од прекрасните крушевски куќи и остатокот од својот живот планира да го помине во Крушево“, информираат од „Македокс“.
Откако стотина локални жители на Крушево и месечината ја проследија првата проекција на 5. издание на Патувачкото кино на „Македокс“, Македокс-магаренцето на 18 август се упати кон селото Журче.
„Како што кажува самото име, таму се случи вистинска журка. Селаните нѐ пречекаа весели, насмеани… Се дружевме со бабички и дедовци кои ни раскажаа многу приказни за нивното село. Приказни кои зборуваат за прекрасното цвеќе Жур, по кое, според нив, селото го добило своето име, за минатите времиња кога селото имало 900 жители и сегашните, кога селото брои само 200 жители, за берењето тутун и земјоделието со кое и ден-денес се занимаваат селаните таму, за прекрасните манастири „Св. Атанасиј“ од 13. век и „Св. Илија“, кога е слава на селото. Откако локалните жители заедно со нас ги проследија документарците „Ликвидатор“ на Трајче Попов и „Анплагд“ на српскиот автор Младен Ковачевиќ, со искрена желба ни посакаа да се вратиме повторно во нивното село“, се потсетуваат од „Македокс.“
Патувачкото кино продолжува со проекциите на документарни филмови низ Демирхисарскиот регион. До 28 август „Македокс“ ќе помине и во Жван (20 август), Единаковци (21 август), Слепче (23 август), Смилево (24 август), Бабино (26 август), Сопотница (27 август) и Слоештица на 28 август 2014 година. Проекциите се одржуваат сред село, а почнуваат во 21 часот. Целта на Патувачкото кино е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места.