Патувачкото кино се приближува кон крајните станици од годинашното патешествие низ Дебарца (Дебрца), соопштуваат организаторите на Интернационалниот фестивал за документарни филмови „МакеДокс“.
Откако мобилното кино мина низ Ботун (17 август), Злести (18 август) и Оровник (19 август) до крајот остануваат уште проекциите во Лешани и Велмеј. Во меѓувреме, екипата на „МакеДокс“ вели дека длабоко ги истражила карактерот на мештаните и природната околина во која опстојуваат.
„Вистинска патничка станица, која сега е претворена во гранапче со необично име „Шљус“, се најде на патот на Патувачкото кино на „МакеДокс“ во селото Ботун. Проекцијата на документарните филмови „Живот во движење“ и „Синема Комунисто“ на 17 август ги собра речиси сите стотина жители на сретсело, кај стариот стогодишен орев.
Токму во Ботун се чувствува природната граница меѓу езерската и планинската Дебарца (Дебрца). Приказната за старата железничка станица ни ја раскажа Ристо Крстаноски, сопственик на „Шљус“, кој објасни дека покрај објектот до пред половина век поминувала теснолинејката за возот „Ќиро“ од Кичево кон Охрид.
Интересен детал од поставувањето на железничката пруга пред сто години е што трасата била маркирана со помош на магариња, симбол и на нашето Патувачко кино.
Вистинската Дебарца, со чист планински воздух, студена изворска вода и бескрајна релаксирачка тишина почувствувавме во селото Злести. Мештаните не беа сигурни од каде доаѓа името на селото, но се претпоставува дека се вика така поради бројните лески (лешници) што ги има во неговата околина. Но затоа, 92- годишниот дедо Наум не прошета низ Злести и ни ги покажа селските чешми, црквата и спомениците од револуционерните периоди.
Во селото е направен необичен спој на стари селски куќи од камен и модерни новоизградени објекти што се надополнуваат едни со други. Тука одлучивме да направиме ручек со мештаните. Вкусот на ѓомлезето, питулиците и сирењето, мирисот на печените пиперки и сочноста на компирите не може да се опише, а мирот и спокојството не може да се купи.
Синеастичкиот чин, што со децении не се случил во Злести, ги содржеше кратките документарци „Сидо“ и „Мизар – Ѕвезда на надежта“, како и долгометражниот документарен филм „Shelter“.
Проекцијата на документарците „Охридско езеро“ и „Драган Венде“ во Оровник се одржа на 19 август. Двата филма тесно комуницираат со ова населено место, бидејќи Оровник е сместен на само неколку километри од Охридското езеро, веднаш над охридскиот аеродром, а има и голем број печалбари во странство.
Околу 450 постојани жители се чувствуваат како да живеат во предградие на Охрид и повеќе го носат охридскиот а не карактерот на Дебарца. Не се занимаваат со земјоделие, а во околината има само насади на познатите охридски черешни (цреши). Околу селото има неколку новоизградени цркви и манастири. Екипата на Патувачкото кино е сместена во манастирот „Света Недела“, што се наоѓа над селото Оровник“, пишува во репортажата на членовите на Патувачко кино.
Целта на Патувачкото кино е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места, кадешто жителите немале можност за синеастичко доживување повеќе од 40 години.
„МакеДокс“ го реализира Патувачкото кино со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на РМ, во соработка со Кинотеката на Македонија и сопствено вложување во проектот.
Видео хрониките можете да ги следите на видеоканалот на „МакеДокс“ на Јутјуб.