Со проекција на „Патување пеш“ (The Walk), најновото дело на режисерката Тамара Котевска се отвори програмата „На кино на Олабај“ во рамки на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
„Во срцето на приказната е борбата за достоинство и за местото што го нарекуваме дом – нешто што многумина го земаат здраво за готово. Во душата, поттикнува чувство на благодарност за мирот и стабилноста што можеби ги имаме, но истовремено нè соочува со суровата реалност на оние кои не ги искусуваат овие привилегии“, велат од програмата.
Неда Маретиќ (модераторка) и Илија Тирицовски (во име на продуцентот ОХО) ги разлистаа вистинските слоеви на филмското дело. Публиката имаше можност да „нурне“ зад камерите, откривајќи го креативниот процес: од замислата, преку планирањето, до самото снимање и финализирање на филмот.
„Секој збор, секое прашање беше доказ дека филмот не само што нè пренесува во друг свет, туку нè поттикнува и да размислуваме на подлабоко ниво“, влат од организацијата на „На кино на Олабај“.
Проекцијата ја организира „Божиновски фондација“ во рамките на дополнителната програма на Меѓународниот фестивал на филмска камера Браќа Манаки – На кино па Олабај.
Програмата продолжува денес, со промоција на фото-монографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ на авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ, а во вторник со јавен настан кој спојува поезија, визуелна уметност и аудиовизуелни толкувања чии автор е уметникот Игор Трајковски Фоја. Во вторник започнува и цилусот филмски работилници за млади „Наследниците на Манаки“ менторирани од режисерката Марија Џиџева и кинематограферот Димо Попов.
Програмата „На кино па Олабај“ ќе се реализира до петок, 27 септември година во КЦ Магаза, Битола и е поддржана од Министерство за култура и туризам.
Фото: АртАкт Битола