Паула Фајке: Младите се недоволно запознаени со можностите за волонтирање во странство

Паула Фајке е млада Германка која преку Европскиот волонтерски сервис и домашна германска организација се одлучи да дојде во Македонија и да започне свој проект за млади. Во изминатиов период имаше можност да работи со Ромите во Шутка и во Топана, на перформансите во Младинскиот образовен форум, но и да го вкуси животот во Македонија. Овде е повеќе од една година. Иако во интервју за Радио МОФ вели дека почетокот ѝ бил малку тежок, таа е задоволна престојот тука, а почнува добро да го зборува и македонскиот јазик.

Која беше главната причина што ја избра токму Македонија за твоето волонтирање?

Мојата најголема намера кога завршив училиште во Германија беше да заминам од државата. Тоа беше мојата најголема желба во тоа време, да патувам во странство. Тоа можеше да се направи преку програмата за патување и работење („Work and travel“) или пак може да работите некоја социјална работа слична на волонтерството. Јас ја одбрав ЕВС службата односно Европскиот волонтерски сервис каде што можеш да патуваш во некоја од европските земји и да работиш на некое социјално поле. Јас всушност не сум целосно ЕВС волонтер, но преку друга германска платформа која е наменета за Германци, нуди помош така што создаваш проект во земјата за која аплицираш, кој потоа ако им се допаднеш ти го одобруваат и работиш во текот на една година на него.

Паула Фајке

Ти беше таа што ја одбра Македонија или некој друг го направи тоа за тебе?

Јас бев таа што ја избра. Јас јасно сакав да одам во југоисточниот дел од Европа, така што ми остана само да ги проверувам проектите. Да бидам искрена не знаев многу за Македонија пред да дојдам, не бев толку запознаена за неа, но го открив проектот и дознав каде точно се наоѓа Македонија, па си реков – зошто да не. Не беше баш тоа, дека пребарував строго за Македонија, но барав добар проект каков што го најдов во Скопје.

Зошто го одбра волонтирањето по завршуање на училиштето, зошто не нешто друго?

Можев да се пријавам за да патувам и да работам, но лично сакам да работам со луѓе. Дури и пред да заминам во странство и пред да завршам со училиште јас веќе работев со други. На пример, работев со азиланти и секогаш бев ентузијаст. Сакам да имам интеракција со другите и сакам да учам други, сакав да работам и да направам нешто, па затоа се одлучив да волонтирам.

Може ли да ни направиш една споредба помеѓу Македонија и Германија во однос на ставот на младите да волонтираат?

Моите забелешки за Германија, поточно за мојата генерација беа дека младите не се многу запознаени и дека не волонтираат доволно. Постои шанса дека повеќето луѓе не знаат или не сакаат да знаат за тоа. Истото го искусив и во Македонија. Секогаш има само мала група на луѓе кои се свесни и коишто волонтираат и тоа најчесто на настани и акции и не се само во една организација, туку во повеќе. Ова е нешто што е слично и во Германија и во Македонија. Но, она што е различно е тоа што во Германија луѓето се ориентираат повеќе кон странство, додека младите во Македонија мислам дека не се многу запознаени за овие можности. Затоа и не ја користат таа шанса за волонтирање.

Но, дали сметаш дека е подобро да се волонтира во странство отколку во сопствената држава?

Лично, откако ги искусив и двете, сметам дека е поодговорно да го правиш тоа во сопствената држава. Можеби звучи глупаво, но на локално ниво повеќе си запознаен со ситуацијата, го знаеш јазикот. Мислам дека е многу поголема одговорноста ако работиш во твојата држава. Кога патуваш во странство, ти всушност повеќе се запознаваш самиот себеси отколку што можеш да понудиш.

IMG_0514

Како настана соработката со МОФ и која е твојата задача?

Во МОФ започнав да работам со театарска група иако јас никогаш порано немав водено група и сето тоа беше ново за сите нас. Некои од групата веќе имаа некои предзнаења, па успеавме да се снајдеме, но тоа беше еден експеримент за сите нас. Се обидовме и направивме неколку претстави и дискутиравме за општествени теми за подоцна да дојдеме до некаков производ. Сите работевме заедно и мислам дека сите научивме нешто. Не само учесниците, туку и јас.

Што успеа да научиш и да искусиш за време на твојот досегашен престој во Македонија?

Мислам дека нешто што најмногу научив не е конкретно за Македонија туку за тоа да бидеш целосно одговорен за себе и да се справиш со ситуации што се непријатни. Кога пристигнав овде немав ништо што да правам, се чувствував како да сум во „вакум“ и тогаш не ми беше баш пријатно. Но, потоа излегов од мојата зона и почнав да зборувам со луѓето и да правам нешто. Така што, ова е нешто што го научив, да се откриваш себеси.

Но што понатаму, кои се твоите идни планови?

Само што завршив средно, па би требало да продолжам на универзитет, но не можам да одлучам на што да се запишам. Затоа ќе продолжам, сега за сега, да го работам ова што го работам моментално. Кога ќе се вратам во Лајпциг, моето родно место, ќе работам со азилантите, па ќе видам што ќе излезе потоа.

Која би била твојата порака до нашите читатели?

Ги советувам секогаш да бидат свесни за работите што се случуваат околу нив, никогаш да не пропуштаат шанса да волонтираат бидејќи секогаш има потреба од тоа. Бидете свесни и можеби ќе најдете нешто квалитетно што би можеле да го правите. Но, и патувајте колку што можете. Ако сакате да направете пауза од една година и да патувате како што направив јас, можете да ги искористете службите како Европскиот волонтерски сервис.

Емилија Петреска