Цртежот на младиот кумановец Павел Милановски е прогласен за најдобар на глобалниот конкурс за постер по повод Светскиот ден на храната, кој го распиша Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Преку својот постер, Милановски им оддава чест на земјоделците како херои на храната. Тој ја освои првата награда во категоријата од 13-15 години, при силна конкуренција на деца и млади ширум светот.
„Кога Павел бил мал, неговите родители често го носеле во блиско село за набавка на свежи производи произведени од локален земјоделец. Тој бил поучуван дека со избирање на локално произведена храна, можеме да им помогнеме на малите земјоделци кои ја произведуваат нашата храна, на нивната локална економија, но и на животната средина“, велат од организацијата.
Според Милановски, земјоделецот е суперхерој, а не некој што едвај заработува за живот. Тој повика овие луѓе да бидат поддржувани да одгледуваат разновидна храна за да ги нахранат луѓето и да ја одржуваат планетата.
„Да се почитува храната значи да се почитуваат производителите на храна и природните ресурси во нашата животна средина“, вели младиот уметник.
Но, ова не е прва негова победа, тој има освоено многу други национални и меѓународни уметнички натпревари на тем поврзани со руралниот живот, одржливото живеење и грижата за животната средина.