Новинарот Павле Беловски беше избран за претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) на Вонредното изборно обрание кое се одржа вчера во КЦ „Јадро“.
Беловски кој година и половина ја извршуваше функцијата како вршител на должност едногласно беше избран за претседател од присутните 46 членови на седмото Собрание на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
„Синдикатот на новинари и медиумски работници ја води најтешката улога, да ги антиципира проблемите, да смислува решенија и да ги нуди до институциите и да се бори да бидат озаконети. Да го брани социо-економскиот статус на медиумските работници. Затоа сакам да истакнам дека најголемата обврска која ја има идното раководство, е да ги превенираме неправдите. Да работиме на свеста. Обврска која лично ја презедов и ја ширам неуморно. Да ги едуцираме нашите колеги за стекнатите права“, рече Беловски во своето обраќање на Собранието.
На Собранието беше донесена и одлука за измена на бројот на членови на Извршниот одбор (ИО) од досегашните 13 членови на 11 членови. Покрај Тамара Грнчароска, Марина Илиевска, Павле Беловски, Теодора Цветковска и Теофил Блажевски кои учествуваа во работата на Извршниот одбор и во изминатиот период, дел од ИО на ССНМ во наредниот ќе бидат и Јован Лесански, Викторија Миткова, Орданчо Костов, Славица Филиповска, Бојан Стојановски и Весна Коловска. Тие имаат петгодишен пандат со право на реизбор.
За членови на Надзорен одбор, пак, избрани беа Елисавета Бејкова, Игор Стефановски и Сашко Димовски.
На Собранието беа разгледани и активностите на ССНМ лани и оваа година, од кои беа издвоени формирањето на младинска секција и менувањето на Статутот на организацијата со задолжително присуство на млади новинари и медиумски работници во Извршниот одбор, зголемувањето на бројот на членови преку низа активности и средби, како и плановите и начините на дејствување во наредните години.